Македонија Џафери вчера достави барање за разрешување

Собранието треба да ги разреши министрите Меџити и Алиу и да избере нови, на дневен ред и Законот за рестриктивни мерки

Собранието денеска во рамки на 143. седница, на барање на технничкиот премиер Талат Џафери, треба да ги разреши министрите за здравство Фатмир Меџити и за информатичко општество и администрација Азир Алиу. За нови министри се предложени Илир Демири, за министер за здравство и Наим Бајрами, за министер за информатичко општество и администрација.

Собранието треба да ги разреши министрите Меџити и Алиу и да избере нови, на дневен ред и Законот за рестриктивни мерки

Џафери вчера достави барање за разрешување на Меџити и Алиу и според Деловникот може да го образложи барањето. Согласно член 221 од Деловникот на Собранието, по предлогот за разрешување на член на Владата се отвора претрес, а членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјаснува по предлогот во траење од 15 минути. За да биде разрешен министер потребни се 61 глас, а исто толку гласови се потребни и за негов избор.

Барањето за разрешување на Меџити и на Алиу доаѓа откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, кој најави дека на избори ќе оди со албанската опозиција, додека крилото на АА предводено од Зијадин Села најави дека на изборите за пратеници на 8 мај, АА треба да настапува самостојно.

На дневен ред на 143. седница се предложени повеќе точки, меѓу кои и, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, во прво читање, Предлог на закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање, измени и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, измени и дополнување на Законот за градење, измени и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, сите по скратена постапка.

Пратениците треба да се изјаснат и за три граѓански иницијативи за референдуми.

To top