Македонија

Собранието ја донесе Одлуката за прераспределба на 12,5 милијарди денари буџетски средства

Собранието ја донесе Одлуката за прераспределба на 12,5 милијарди денари буџетски средства

Собранието попладнево, со 60 гласа „за“ и девет против, ја донесе Одлуката за прераспределба на средствата помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.

Како што рече претходно заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, со Одлуката се врши алокација на 12,5 милијарди денари во рамки на веќе утврдената буџетска рамка, односно во рамки на утврдениот буџетски дефицит за 2025 година од четири проценти.

-Со Одлуката се врши реалокација на планираните средства меѓу буџетските корисници. Целта е соодветна реалокација со цел финансирање на приоритетните потреби на буџетските корисници во функција на уште поуспешна реализација на Буџетот за 2025 година. Со предложената одлука се обезбедуваат потребните финансиски средства за трансфери кон ПИОМ и Фондот за здравствено осигурување за законски обврски поврзани со исплатата на пензиите, придонеси за задолжително здравствено осигурување на лица кои немаат по ниту еден основ здравствено осигурување и за исплата на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство. Исто така, во делот на социјалната сфера се обезбедуваат средства за поврат на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во заштитните друштва, за исплата на социјални надоместоци на најранливите категории лица, истакна заменик-министерот.

Дополнително, рече, во областа на транспортот се планираат и средства за навремен трансфер кон ЈПДП за изградба на инфраструктурата – Коридор 8, делница Тетово – Гостивар – Бокојчани и проектот за автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, како и Коридорот 10д, делница на автопатот Прилеп – Битола, како и средства за целосна исплата за изработка на подготвителна техничка документација за изградба на брза железница долж Коридорот 10 и за нормално функционирање на целокупниот железнички систем во државата.

-Со одлуката ќе се обезбедат и дополнителни средства за изработка на урбанистички планови и за плаќање контрибуција кон Меѓународната поморска организација. Се обезбедуваат и средства за трошоци во арбитражни постапки, лиценци, реконструкција на згради на владини органи и финансирање на слични тековни расходи, информира Јанкуловски.

Расправата ја почна пратеничката од СДСМ Сања Лукаревска, според која, „со оглед на тоа што е денеска тема на собраниската дискусија, земјава потфрла во секој поглед од економски аспект“. Таа конкретно праша зошто има намалување во Програмата „инфраструктурни проекти од општините“.

-Излегува на виделина се она што го зборуваше опозицијата. Скоро два месеца алармиравме дека има слаба реализација на капиталните расходи за 2025 година. И веќе, за среќа, власта успеа да го надмине прагот од 50 проценти на реализација, па денес влегува во некоја бројка од скоро 51 процент. Но, преку оваа Предлог-одлука може да се види кои буџетски корисници немаат сработено ништо, единствено немаме одговор – зошто тоа не го сработиле. Евидентно е дека има намалување на капитални расходи и зголемување на непродуктивните трошоци, нагласи Лукаревска, оценувајќи дека цените во земјава и натаму галопираат, кошничките не го дадоа ефектот, а нема, како што рече, ниту развој, ниту раст.

Јанкуловски на ова одговори дека реалокацијата на средства е нешто сосема вообичаено што се прави на крајот од секоја година.

-Најверојатно бевте испровоцирани од денешната прес-конференција на министерката за финансии, за растот на БДП во третиот квартал од 3,8 проценти и не знам зошто тоа барем не го спомнавте во вашата дискусија. Знаете со каков раст ги оставивте буџетот и државата. Бидете убедени дека со близу 4 отсто ќе ја завршиме годината. И УЈП денеска соопшти дека даноците во јануари – ноември 2025 во споредба со лани се зголемиле од 120 на 128 милијарди денари или за 7,8 милијарди, а и социјалните придонеси исто, нагласи заменик-министерот.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ укажа дека претходната власт, на СДСМ, за разлика од сегашната, реалоцирала средства за ликвидност на претпријатија како ЕЛЕМ, но потоа се увидело каде завршиле тие средства, додека според Фатмир Битиќи и Јованка Тренчевска од СДСМ, зимата допрва доаѓа „и оваа Влада си игра држава, без да води грижа за граѓаните“. За збор се јави и Љупчо Пренџов кој и се обрати на Тренчевска, обвинувајќи ја дека навредува, манипулира и ги искривува фактите.

По 74. седница чиј дневен ред е исцрпен, Собранието попладнево, како што најави потпретседателот Антонијо Милошоски, продолжи со работа по 72. седница.

Најнови вести од Македонија

To top