Забележан е пораст на женски лица кои превентивно одат на гинеколошки преглед во земјава, но сѐ уште има пациентки кои доаѓаат во подоцнежна и потешка фаза на карциноми, поради што не успеваат да го вратат квалитетот на животот, како пред болеста. Со редовни контроли на гинеколог може да се дојде до поквалитетен живот. Ова беше нагласено на денешната прес-конференција по повод Неделата на женското здравје 2024 година, каде се потенцираа редовните превентивни прегледи, раното откривање здравствени проблеми, како и информирањето на сите жени во земјава, дека изборот на матичен гинеколог е од клучна важност за редовните превентивни прегледи.
Претседателот на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, професор доктор Глигор Тофоски рече дека субјективно, имаат чувство оти многу поголем број жени доаѓаат превентивно и порано на прегледи.
– Успеавме дел од жените да дојдат порано на преглед и со помала интервенција да продолжат со нормален квалитет на живот понатаму, рече Тофоски.
Но, како што информираше тој, сѐ уште имало пациентки кои доаѓаат во поавансирани карциноми, во потешка фаза. Тој спомена анализа од Министерството за здравство, според која, таквите пациентки никогаш не се вражаат на квалитетот на животот како пред болеста, а ја спомена и финансиската димензија.
-Една пациентка со поавансирана фаза државата ја чини над двесте илјади евра со сите третмани, терапии, хемотерапии, операции, боледувања, отсуство од работа…а за разлика од тоа, секој денар инвестиран во превентивата, секоја стимулација на пациентките да доаѓаат без потреба на чисто редовен преглед кај гинеколог, може да заштеди многу пари и е многу поевтин во суштина и за пациентката, меѓутоа и за државата, нагласи Тофоски.
Меѓу другото, тој кажа дека не само жените, туку и семејствата треба да ги стимулираат нивните мајки, сестри, ќерки, да одат на преглед, да има една општа здравствена едукација.
Доктор Ламбе Крстески, матичен гинеколог во Шуто Оризари, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека најголемиот проблем е тоа што доколку пациентката има некаков проблем, тогаш доаѓа и избира матичен гинеколог.
– Не доаѓа да го избери матичниот гинеколог предвреме, туку само ако има некоја ургентна ситуација. Треба да се едуцираат да се доаѓа на превентивни прегледи, не само во ургентни ситуации каде што се ставаме во една ситуација каде треба да ја решиме многу брзо. Со тоа се оптоварува секако и терциерното здравство. Доколку имаме добра превенција, ќе се намали оптоварувањето кон терциерното здравство, подвлече Крстески.
Тој потсети дека во општината Шуто Оризари повеќе од 10 години немало матичен гинеколог. Во изминатите две години, тој работи како матичен гинеколог во оваа општина.
– Со помош на проектот од Министерството за здравство, невладиниот сектор, во отворената приватна амбуланта каде може да дојдат сите жени во општина Шуто Оризари, може да добијат здравствена превентивна услуга кај матичен гинеколог. Бројката што ја имаме во моментов е 2.500 жени, според податоци од Министерството за здравство, кои имаат здравствено осигурување. Но, уште го немаат остварено правото за избирање матичен гинеколог. Затоа апелирам сите тие жени да си го остварат своето право за избирање матичен гинеколог во општината каде нема да гравитираат во соседните општини, каде прегледите се комплетно бесплатни. Има уште 1.000 пациенти кои ги има Министерството за здравство, кои немаат здравствено осигурување. Тука ги повикувам здравствените медијатори кои може да помогнат да си го остварат своето право на здравствено осигурување тие пациентки за да имаат матичен гинеколог. Со новиот закон за „фантом“ лица, може да се извади комплетна документација и да се оствари правото на здравствено осигурување, додаде тој.
На прашање дали се зголемени закажувањата на „Мој термин“, за жени на кои им е потребен преглед, а не можат да дојдат до термин од матичните лекари, професор доктор Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, кажа дека иницирале и кај нас да има „син термин“, како во други држави.
– Тоа беше наша иницијатива. Како што во други држави постои „син термин“ – слободен, тоа беше покренато како иницијатива во доцната есен минатата година. Нашиот предлог е во „Мој термин“ секогаш да има слободни места. Барем за одредени болести да има четири до шест, соопшти Димитров.
Тој кажа и дека сите жени треба да прават ХПВ тест, бидејќи се случувало да доаѓаат пациентки коишто имаат негативен ПАП, а имаат веќе инвазивна форма на рак.
На прес-конференцијата, беше истакнато дека вакцината сега е веќе во Календарот и за момчиња и за девојчиња за да се направи што поголем опфат на популацијата, бидејќи науката покажува дека од отпочнување на такво нешто и голем процент на вакцинирани луѓе, некаде за 10 години опсегот на овие болести што се поврзани со ХПВ, се намалува за 90 проценти.
Свое обраќање имаше и Марија Башеска Стојановска, новинарка – толкувач на знаковен јазик во МРТВ, претставничка од заедницата на лицата со попреченост.
– Овие средби со гинеколози и тимот со нив, отворија многу прашања што укажуваат на потребата од нивелирање на потребата на дамите со попреченост и услугите што треба да ги добиваат подеднакво како и сите други пациенти во нашиот здравствен систем, којшто одамна е укажано дека има потреба од универзален дизајн. А тоа значи, дека дури и гинеколошките прегледи стануваат мачнина кога една глува, слепа, жена со телесна попреченост треба да се грижи и да гради здравствена култура. Токму овој проект дава еден исчекор и ги трга завесите од нашите срца за да можеме од двете страни да седнеме и слободно да ги укажеме потребите, смета таа.
Според неа, аспекти на тој пат што треба да се елиминираат, има многу.
– Меѓутоа, многу е важно дека низ овој проект практично видовме дека многу работи останале несработени. Затоа што во 21. век навистина има многу модерни начини со што можат и лекарите и пациентите со попреченост да се послужат. Добро е што слабостите се детектирани, постои отворен ум дека можеме и имаме сили да го направиме тоа, секако. Сметам дека државата треба да даде севкупна поддршка ова да не биде еднократен проект, туку треба да биде нешто што ќе тече сѐ додека не стигнеме до моментот кога жените со попреченост ќе можат без поддршка, без милост на некој трет човек, да одат и да си обезбедат гинеколошки прегледи, подвлече таа.
Вечерва ќе биде свечено отворен и симпозиум со интернационален карактер што ќе трае до 19 мај, а ќе собере, како што е најавено, голем број експерти за да се осврнат на актуелните прашања за здравјето на жените. Меѓу темите се и ХПВ вакцината, улогата на обезитетот во бременоста, а ќе има и презентација на стандардната оперативна процедура на центрите за жртви од сексуално насилство.