Македонија

Славески: Монетарната политика останува непроменета

Славески: Монетарната политика останува непроменета

Народната банка од денеска почнува со примена на новата оперативна монетарна рамка која како основен инструмент ги користи благајничките записи со рочност од седум дена наместо досегашната поставеност, која како основен инструмент ги користеше благајничките записи со рочност од 42, односно 49 дена.

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески на денешната прес-конференција посочи дека модернизацијата на оперативната рамка е внимателно обмислена и има за цел да овозможи натамошно подобрување на ефективноста на монетарната политика.

– Скратувањето на рочноста на основниот инструмент на седум дена овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, во што централната банка има подиректно влијание. Народната банка ќе ја одреди големината на понудата на седумдневните благајнички записи така што ќе обезбеди повлекување на ликвидноста од банкарскиот систем. Банките и понатаму ги имаат на располагање депозитите и кредитите преку ноќ заради управување со краткорочните ликвидносни промени. Сите овие промени го зајакнуваат сигналниот ефект на монетарната политика и трансмисиониот механизам, истакна Славески.

На аукцијата што денеска ќе се одржи, како што посочи, ќе се понудат 43 милијарди денари со каматна стапка од четири проценти, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа.

Во однос на монетарната политика, Славески рече дека таа останува непроменета.

– Внимателноста на монетарната политика е одраз на потребата за натамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата, динамичната кредитна активност и на ризиците од надворешното окружување. Во услови на премин кон новата оперативна монетарна рамка, непроменетоста на монетарната политика ефективно се обезбедува преку поставување на каматната стапка на 7-дневните благајнички записи на нивото од 4 отсто и зголемување на понудениот износ на основниот инструмент, рече Славески.

Според проценките на Народната банка, растот на економската активност забрзува и изнесуваше 3,8 проценти на годишна основа и целосно произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, што главно е резултат на растот на бруто-инвестициите, а октомвриските податоци за индустриското производство и прометот во вкупната трговија упатуваат на натамошни поволни трендови. Инфлацијата останува во фокусот на моентарната политика, а трговскиот дефицит, проценет за четвртиот квартал од годината во согласност со податоците за надворешно-трговската размена во октомври, е малку повисок од очекувањата.

– Надворешните ризици и натаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори што влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка останува подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и, доколку е потребно, да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување ценовна стабилност на среден рок, порача гувернерот Славески.

Најнови вести од Македонија

Теми на денот

To top