Македонија анализа на сашо таневски

Ситуацијата е алармантна, за водата (ќе) се водат војни!

Во услови на хронично осиромашување на подземните води, прекумерна распределба на водата, деградација на земјиштето и почвата, уништување на шумите и загадување, сето тоа влошено од глобалното затоплување, светот е во минус и на пат кон глобален банкрот на водата, според извештајот на ОН за водата

Ситуацијата е алармантна, за водата (ќе) се водат војни!

За­гри­жу­вач­ки из­ве­штај на Обединетите нации (ООН) за во­да­та

Извештај на Обединетите нации за состојбата со водите на глобално ниво, објавен неодамна, испраќа предупредувачка порака до сите оние што одлучуваат дека повеќе нема време за чекање, односно ако не се поведе сметка за водата, светот ќе се соочи со најголема егзистенцијална закана. Во извештајот се наведени низа статистички податоци, меѓу кои и дека големите езера низ целиот свет изгубиле 50 отсто од својата вода од почетокот на 1990-тите (при што 25 отсто од човештвото директно зависи од овие езера), а има 40 отсто помалку вода за наводнување од бунари низ целиот свет, анализира Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Во последните 50 години исчезнале 410 милиони хектари природни мочуришта, што е речиси колку големината на Европската Унија. Три милијарди луѓе живеат во области каде што вкупните резерви на вода се намалуваат или се нестабилни, а повеќе од 50 отсто од светската храна се произведува во тие региони.
Ова е само дел од податоците што следуваат по заклучокот дека во 2026 година водата повеќе не е само природен ресурс туку и нова глобална валута, основа на безбедноста, политиката и меѓународното влијание.
Во свет во кој климатските промени, растот на населението и интензивната индустријализација сè повеќе ги оптоваруваат водните ресурси, контролата на реките, езерата и подземните води станува исто толку стратешки важна како и контролата на нафтата и гасот во минатиот век.
Професорот Кавех Мадани, кој ја предводеше работната група на ОН, рече дека досега рекорден број населени места во светот го преминале прагот на целосна закана од пристап до вода за пиење.

Борба за вода

Климатските научници и стратези предупредуваат дека иднината ќе биде обележена со борби за пристап до вода, а не само за територија или енергетски ресурси.
„Водата повеќе не е само еколошко прашање – таа е прашање на безбедност и моќ“, се наведува во извештајот, забележувајќи дека „градови како Техеран, Кејптаун, Сао Паоло и Ченај се соочија со кризи на недостиг од вода, додека бројот на конфликти поврзани со водата низ целиот свет се зголеми од 20 во 2010 година на повеќе од 400 во 2024 година“.
Во меѓународната политика, водата сè повеќе се третира како критичен безбедносен ресурс. Големите реки како Нил, Еуфрат, Тигар и Инд станаа епицентри на дипломатски тензии и потенцијални конфликти.
Мајкл Грин, британски експерт за безбедност и ресурси, објаснува дека во овие случаи повеќе не станува збор само за вода за пиење туку и за енергија, земјоделство и политичко влијание: „кој го контролира протокот, ја контролира иднината на регионот“.
Примерите се многубројни – од тензиите меѓу Етиопија и Судан околу големата етиопска брана на Нил, преку споровите меѓу Турција и Ирак за Еуфрат и Тигар, до долготрајните тензии меѓу Индија и Пакистан за реката Инд.
Дури и во развиените земји како САД или Шпанија планирањето на управувањето со водните ресурси стана клучно прашање за националната безбедност и долгорочната стабилност.

Недостигот од вода носи со себе голем број опасности и ризици

ООН проценува дека до 2050 година, околу пет милијарди луѓе ќе живеат во области со значителни проблеми во водоснабдувањето, што го зголемува ризикот од внатрешни и регионални конфликти, дестабилизација на државите и зголемен миграциски притисок.
Експертите исто така предупредуваат на нов вид „хибридни конфликти“ околу водата: државните власти и приватните компании користат резервоари, брани и регулаторни проекти како средство за политички притисок или алатка за преговори во пошироки геополитички игри.
– Гледаме дека водата станува инструмент за преговори, па дури и оружје во регионалните спорови – предупредува Селим Рахман, аналитичар за меѓународни односи од Дубаи.
Сето тоа е усложнето од климатските промени, кои го нарушуваат хидролошкиот циклус, ги прават поплавите и сушите почести, додека загадувањето на реките и подземните води дополнително ги намалува достапните ресурси.

Голем раст на побарувачката за вода

Експертите предвидуваат дека глобалната побарувачка за вода ќе се зголеми за речиси 50 отсто до 2050 година, додека во исто време достапноста во сувите подрачја ќе се намали. Таквиот јаз помеѓу понудата и побарувачката бара темелни иновации во управувањето со водните ресурси, проширување на капацитетите за десалинизација и рециклирање вода, како и поинтензивна меѓународна соработка.
– Глобалните лидери треба да разберат дека инвестирањето во водоводна инфраструктура е исто толку важно како и инвестирањето во војската – истакнува Џулија Фернандез од Лондонската школа за економија.
Примери за успешна соработка вклучуваат формирање меѓународни комисии за заедничко управување со реките, развој на технолошки решенија за зачувување на водата и склучување регионални договори за споделување на ресурсите. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ако политиките не ги следат реалните потреби, конфликтите околу водата би можеле да станат реалност, особено во региони како што се Блискиот Исток, Северна Африка и Јужна Азија.
Во 2026 година концептот на „хидрохегемонија“ стана исклучително важен во меѓународните односи. Државите што ги контролираат изворите на големите реки, таканаречените држави низводно, ја користат водата не само како извор на енергија туку и како политичка алатка против оние низводно. Големата етиопска ренесансна брана на Нил останува најнапнатата точка, каде што Етиопија ја користи контролата врз протокот на вода за да добие стратешка предност над Судан и Египет.

Европскиот син план

Европската Унија исто така ја препозна стратешката важност на водата. Синиот план е стратегија што ја третира водата со исто ниво на приоритет како и енергијата според Зелениот договор. ЕУ инвестира милијарди во циркуларна економија на вода – повторна употреба на третирана вода и намалување на зависноста од увезени земјоделски производи од региони погодени од суша, во обид да ја зајакне својата независност на ресурсите и да ги стабилизира своите граници.
– Водата повеќе не е бесконечен ресурс и ние мора да ја заштитиме, не само заради животот, туку и за стратешка независност – вели Џесика Росвал, европска комесарка за животна средина.
Глобалната структура на побарувачката и начинот на живот исто така се менуваат. Светот е поделен помеѓу земји со природни водни ресурси и оние што зависат од технологијата.
Земји како Саудиска Арабија, Израел и Обединетите Арапски Емирати задоволуваат повеќе од половина од своите потреби преку десалинизација на морска вода, процес што троши многу енергија и ги диктира нивните енергетски политики и стратешки приоритети.
„Водната писменост“ станува составен дел од образованието, а потрошувачите сè повеќе избираат производи со помал „воден отпечаток“.
Земјите што не инвестираат сега во одржливо управување со водите и меѓународна соработка ризикуваат да ја изгубат стратешката автономија во иднина, додека оние што ја препознаваат виталната улога на водата ги поставуваат темелите за стабилност, безбедност и влијание во турбулентниот свет што претстои.


Македонија има вода, потребна е свесност како таа да се користи паметно

Свесноста од важноста на водата почнува да се буди и во Македонија, особено ако се земе предвид фактот дека државата е негативен лидер според процентот на загуби на пивка вода низ системите за водоснабдување, според неконтролираното исцрпување и загадување на подземните води, како и според немањето третман на отпадните води.
Неодамна македонска делегација беше во Израел да научи нешто од израелските искуства токму во делот на намалувањето на загубите, третманот на отпадните води, но и грижата за водата како национално богатство.
Она што генерално беше констатирано, тоа е дека на земјава ѝ е потребно посебно тело што ќе ги менаџира водните политики, почнувајќи од формирањето на цената на водата, заштедата на водното богатство, намалувањето на загубите во системот, подготовката на долгорочна стратегија за управување со водите, третманот на отпадните води и нивната реупотреба во земјоделството, примената на дигиталните технологии во управувањето со водата и слично.
Генералниот заклучок е дека Македонија располага со големи водни ресурси, но во иднина е потребен паметен пристап како овие ресурси да се зачуваат за многу следни генерации.

Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА

Најнови вести од Македонија

To top