Денеска сакам да бидам прагматична и да одговорам на едно од првите поставени прашања на еден министер за надворешни работи, еден самонаречен европски претседател. Неговата партија пред секој мандат и после секој мандат фрла во етерот некои нови барања. И тогаш вели важни се уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, но всушност мисли на нешто друго. Дали сум за избор на претседател во Собранието, демек ќе штедиме пари, а не на директни избори. Одговорот сум го дала одамна, а јас не сум претседателот Стево Пендаровски, па да менувам ставови, а посебно научи. Затоа велам одлучно НЕ и јас сум против. Ќе кажам и зошто. Прво, ме потсетува на социјализмот, на комунизмот кога партијата кажуваше кој на кое место ќе биде. Граѓаните имаат потреба сами да избираат претседател на држава, сами да избираат градоначалници. Легитимитетот добиен од граѓаните, а не од партијата и од лидерот, ѝ дава право на претседателката или на претседателот, да биде своја или свој, да мисли со своја глава и, се разбира, и во однос на владата и во однос на собранието и во однос на судството да употребува спреги и кочници за да не им дозволи да ја апсолутизираат власта, истакна на вечерашниот митинг во Кисела Вода, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.
Нагласи, дека одговорно тврди дека, ако претседателот се бира во Собранието, ни се заканува опасноста сите власти да бидат на едно место и за тоа кој ќе биде на која функција да не се одлучува транспарентно и отворено, туку надвор од парламентот, па пазарите да бидат во игра.
-Така, најдобрите луѓе нема да бидат избрани оти граѓаните на претседателските избори бираат и личност. Тоа е познато и во науката и во политиката. Па, кому ќе биде тогаш претседателот одговорен? На Собранието? Кога сакаат ќе го сменат со двотретинско мнозинство. Тоа не е добро. Трето, не постои држава во Европа, па дури и оние со полупретседателски системи во која во вториот круг се бара 40% излезност. Тоа е непознат феномен. Јас ќе се повикам на Венецијанската комисија чиј член бев осум години. Да, има студија, има мислење за Македонија и таму петпати се препорачува Македонија да го тргне цензусот од вториот круг и во вториот круг да победи тој што добил повеќе гласови.
Ако е ова една модерна колонија, еден протекторат, во кој што е важен сертификатот однадвор, што би рекол еден медицински политичар или политички лекар кој за себе мисли дека е европски претседател. Такво нешто не постои. Па, сега слушам и тој фрлил ракавица и ме предизвикува на двобој. Па, човекот нема поим за тоа што зборува. Замислете што му е најважно? Сертифицирани да биле политичарите. А, кој го дава сертификатот? Вие, граѓаните, народот! Е, па, да видиме дали ќе добие сертификат. Нека дојде на дуел со сите, па да видиме кого ќе го сертифицираат во предиграта, во премиерата, па за да знаеме што ќе се случува во вториот дел од политичката игра, посочи Силјановска Давкова.