Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на официјалната посета на Црна Гора, денеска во Подгорица оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ.
На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу двете земји кои ги карактеризира традиционално силно пријателство, без отворени прашања, со идентични ставови на билатерален, регионален и на мултилатерален план, при што, остварената соработка е пример за добрососедски односи во регионот.
На средбата беа потврдени и заедничките стратешки цели – мир и стабилност во регионот и членство во ЕУ, како и соработката и сојузништвото во рамките на НАТО Алијансата.
Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна важноста на динамизирањето на парламентарната соработка со којашто двете земји ја покажуваат својата посветеност на демократскиот развој и регионалната стабилност поставувајќи пример за успешна соработка во Западен Балкан.
Во насока на унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека економската, регионалната и соработката во европските интеграции се областите во кои ќе треба поинтензивно да работат и да се фокусираат двете држави.