Македонија македонската претседателка во рим

Сиљановска Давкова положи венец пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим

Таа по средбата изјави дека со папата разговарале за поддршката на Ватикан за процесот на евроинтеграција на земјава, но и на целиот Западен Балкан, како и актуелните случувања во светот, но и за претстојната конференција за Украина во Швајцарија, каде Ватикан ќе присустува како набљудувач.

Сиљановска Давкова положи венец пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и државно-црковната делегацијата кои се во посета на Рим и Ватикан по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, положија венец цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј која се наоѓа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од РИМ, Сиљановска Давкова и делегацијата претходно присуствуваа на молебен на гробот на Свети Кирил во базиликата Свети Климент. За попладнево е предвидено Сиљановска Давкова да се сретне со италијанскиот претседател Серџо Матарела по што ќе даде изјава за медиумите.

Сиљановска Давкова, посетата на Рим и Ватикан, која е нејзина прва посета во странство по стапувањето на претседателската функиција, официјално ја почна вчера со аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Таа по средбата изјави дека со папата разговарале за поддршката на Ватикан за процесот на евроинтеграција на земјава, но и на целиот Западен Балкан, како и актуелните случувања во светот, но и за претстојната конференција за Украина во Швајцарија, каде Ватикан ќе присустува како набљудувач.

-Триесет години потоа во соработката рековме дека успесите се очигледни. Потврдивме дека во посетата во 2019 година беше неверојатно инспиративна не само кон малото стадо, на кое папата му порача да не се плаши, туку за сите религии, дека сме пример за религиозен дијалог, дека Ватикан верува во нашата сила, рече Сиљановска Давкова.

На средбата, како што истакна, изразила разбирање за склучување на конкордат со Ватикан, бидејќи системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата врзани особено за статусот на Католичката црква и христијаните од католичката вероисовест кај нас. Таа посочи оти овие прашања таа самостојно не може да ги реши бидејќи не е надлежна, но дека во соработка со Владата може многу лесно да се надминат.

Сиљановска Давкова на одбележувањето на 24 Мај ја предводи државно-црковната делегација, во чиј состав се и заменик-министерот за култура, Онур Али, амбасадорот во Италијанската Република, Весел Мемеди, амбасадорката при Светиот Престол, Марија Ефремова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски. Делегацијата на МПЦ-ОА ја претставуваат владиците Тимотеј и Пимен, додека Католичката црква ја претставува протојереј ставрофор, Зоран Стојанов.

Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

To top