Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова го покани противкандидатот Стево Пендаровски да се приклучи на серијата дебати кои следуваат во наредниот период и да даде свој придонес.
-Никогаш не говорам за студентите, ама најдобрите никогаш не ги заборавам и за нив секогаш кажувам сè. Не го помнам Стево Пендаровски како студент, но знам дека магистрирал и докторирал откога ги усовршил своите аналитички способности во министерството за внатрешни работи и сега човекот на ваков начин зборува за мене. Го запознав на една врвна дебата, организирана од поранешниот претседател Борис Трајковски, наречен „Дијалог на цивилизациите“, каде што учествуваа врвни интелектуалци од земјата и од светот. Знам дека околу нас кружеше еден човек и се сетив подоцна дека тоа беше Пендаровски, веројатно беше дел од организацијата на настанот.
Да не зборувам за оној другион. Мојот професор, Ѓорѓи Марјановиќ, велеше дека никој како кумановчаните не умеат преку скратеното име да ја изразат личноста. Не го кажувам неговиот прекар, меѓутоа знам дека неслучајно е во женски род. Многу е мизерно да ве среќава во Собранието и да ви вели дека вие сте нешто најдоброто во Собранието, па да вели дека за најдобра дебата ја смета онаа со мене за нобеловецот Кругман, за економија, моите тези за опасноста од рефеудализација во светот. И потоа да вели дека мене, замислете мене, ме шетал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како тетка. Така зборува не Заратусра, туку бившиот премиер. Ама, ако се обидете да прочитате нешто за него, како и за првиов, некој труд, некое членство во меѓународна организација, нема да најдете ништо. Tabula rasa, вели Силјановска Давкова.
Таа посочи дека затоа умниот Платон вели дека со политика треба да се бават филозофите, најумните, што имаат зад себе, што не се поплавени со хормони, што сакаат нешто да остават за заедницата.
-Затоа овие луѓе не уживаат углед и не може да ја претставуваат Македонија, не само добро, а камоли подобро и затоа Македонија не може на нив да биде горда. Бидејќи ако во секоја реченица со пет збора, во три прават грешка, тогаш тоа е голем проблем. Затоа бегаат од дебати, затоа самите си се храбрат си измислуваат, па велат ,излезете на дебата’, ама знаат што ќе им се случи на дебатата. Минатиот пат тој вратата не знаеше да ја најде.
Ајде, да продолжам во дијалошка форма. Дали Пендаровски водеше дијалог со Владата? Ма, немојте! Па, тој со таква понизност го гледаше претходниот премиер господинот Заев, со таква понизност го гледаше Ковачевски, со каква понизност го гледа и тој другиот, тој фактичкиот премиер господинот Ахмети. Тој се кандидира за претседател и треба да кажува што ќе прави понатаму. Ама, како ќе каже што ќе прави понатаму кога досега ништо не сторил. Лист хартија, бела хартија!
Значи, ако водеше жесток дијалог со Владата, со сите министри, со Премиерот, од тоа ќе се родеше некој политички плод, програма, надворешна политика или безбедносна политика, нагласи професорката Силјановска Давкова.