Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Вила Водно, во пресрет на одржувањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, оствари средба со претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, за актуелните состојби и европската перспектива на двете земји, како и за безбедносните и политички аспекти во регионот.
Двајцата соговорници ги потврдија заложбите за целосна интеграција во Европската Унија и изразија подготвеност за размена на искуства, меѓусебна помош и поддршка во реформските процеси.
На средбата беше посочена важноста од натамошно унапредување на меѓународната и соработката во регионалните иницијативи, со цел интензивирање на евроинтеграциите и справување со предизвиците на регионално ниво.
Соговорниците ја потврдија взаемната заложба за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес и ја посочија потребата од подобрување на инфраструктурното поврзување.