Македонија Потребни се законски измени

Сиљановска Давкова: Мора системски да пријдеме кон проблемот со пожарите, да се подготвуваме цела година

Таа изрази благодарност до соседите и сите оние кои помагаат во справување со пожарите и посочи дека треба и во иднина да имаме регионален пристап во справувањето со овие состојби.

Сиљановска Давкова: Мора системски да пријдеме кон проблемот со пожарите, да се подготвуваме цела година

Мора системски да пријдеме кон проблемот со пожарите. Знаеме дека секое лето не очекуваат пожари во поголема или помала мерка. Мислам дека се потребни законски измени. Ние имаме Закон за управување со кризи, имаме во Устав вонредна состојба, но немаме Закон за вонредна состојба. Треба постојано цела година да се подготвуваме, за во август кога ќе се соочиме со пожарите, да може полесно да се справуваме со нив, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова, која присуствуваше на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик во Охрид, на новинарско прашање околу справувањето со пожарите, го потврди големиот придонес на Армијата и ја потенцираше регионалната димензија на соработката.

-Мислам дека многу голем беше придонесот на Армијата. Како што гледате, не само Републиката, туку и Балканот е во пламен. Мојата теза е дека се потребни законски измени. Ние немаме Закон за вонредна состојба. Почна работата на него, дури дојде и во Собранието кога бев пратеничка, не знам каде е, но мислам дека и кај вонредната состојба што може да се прогласи на дел или на територијата на државата, исто така има можности. Мора да се преиспита целата таа мрежа на органите, постојано треба цела година да се подготвуваме за август кога ќе се соочиме со пожарите за да може полесно да се справуваме со нив, рече Сиљановска Давкова.

Таа изрази благодарност до соседите и сите оние кои помагаат во справување со пожарите и посочи дека треба и во иднина да имаме регионален пристап во справувањето со овие состојби.

-Она што мене ме импресионира е регионалната димензија на соработката. Немам зборови со кои можам да изразам благодарност, бидејќи и самите тие се под закана, сите наши соседи, но гледате дека и во добро и во зло ние сме заедно. Уште еднаш благодарност до сите. Можеби треба и регионален пристап да имаме во иднина во справувањето со овие состојби, па кога треба и ние да помогнеме во Србија, Црна Гора, Хрватска или во Косово кога е потребно, како тие сега кај нас. Мислам дека ако системски се однесуваме и секој си ја знае работата, поинаку ќе се однесуваме и кон ангажманот на војската, бидејќи војска се ангажира само во исклучителни ситуации. Посебна благодарност исто така до волонтерството, до луѓето кои каде и да има пожар се упатуваат за да помогнат, рече претседателката.

Таа потенцираше дека е потребно сите да се однесуваме со почит кон природата.

-Се работи за нешто што е создавано со децении, затоа ние треба посебно да се однесуваме со почит. Случаите на намерно палење се најприсутни и затоа мислам дека ние мораме да изградиме еден посебен однос. Често пати се повикувам на скандинавскиот пример кон природата, почитта мора да ја градиме постојано, додаде Сиљановска Давкова.

To top