Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Клер Харасти, директорка на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа.
На средбата се разговараше за досегашниот ангажман на оваа организација кај нас, за улогата на Меѓународната организација на трудот при носење на социјалните политики, за поддршката при формирањето на Економско-социјалниот совет во 2010 година, воведувањето минимална плата, како и за имплементацијата на низа политики за зголемување на процентот на вработеност меѓу младите и носењето стратегии за малите и за средните претпријатија.
Претседателката Сиљановска Давкова, како поборник за почитување на човековите и трудови права, изрази поддршка за активностите на Меѓународната организација на трудот и нагласи дека ќе продолжи гласно да ги поддржува сите иницијативи и проекти за подобрување на условите за живот на работниците.
Двете соговорнички разговараа и за соработката на Меѓународната организација на трудот со македонските надлежни институции, при што беше посочено дека организацијата и натаму ќе дава поддршка и ќе ги вложува своите капацитети за подобрување на стандардот на работниците, како и за создавање на услови за фер и достоинствено вработување за сите.
Од зачленувањето во Меѓународната организација на трудот во 1993-та година, а како резултат на посветеноста да ги почитува меѓународните стандарди на трудот, нашата држава има ратификувано 81 од 191 конвенција на Меѓународната организација на трудот.