Македонија Струмица

Силјановска Давкова: Интонирањето на химната трае подолго од говорите на Пендаровски на неговите митинзи

Тие се несреќа во политиката, во економијата, во образованието, во науката, во социјалната заштита. Да, тие се најсреќните луѓе, ама меѓу најнесреќниот народ, истакна кандидатката за претседател.

Силјановска Давкова: Интонирањето на химната трае подолго од говорите на Пендаровски на неговите митинзи

„Имам впечаток дека сегашниот претседател толку многу општини поминува во текот на денот што химната изгледа како подолга од неговите говори. Веројатно затоа знаете што правеа? Ја кратеа химната многупати, не само за да завршат порано со говорите, туку и да бидат во хармонија со должината на времето оти немаат што да кажат, немаат со што да се пофалат, па затоа и немаат ниту Извештај, ниту отчет и некако се лути. Замислете? Наместо граѓаните да изразат лутина, тие пред нив им велат дека ,ако не гласате за мене, нема да ве посетам’. Немам зборови! Сите ние треба да се запрашаме од кого ни извира легитимитетот, да се запрашаме зошто не се за нас граѓаните, да ветиме дека што и да се случи Вие граѓаните ќе останете најпочитуваните. За мене, верувајте ми, и патот до успехот е, исто толку, важен како и успехот. Зошто? Бидејќи патот е невозможен без средби со Вас. Тие мене ме вознемируваат, пријатно, ме подмладуваат. Како што ветерот вечерва е прекрасен, така мислат дека ги чувствувам Вашите мисли, Вашите емоции, Вашите вибрации и Вие сте мојата граѓанска инспирација, истакна Гордана Силјановска Давкова од вечерашниот митинг во Струмица.

-Навистина е чудно како после пет години самотија, таму на планината Водно, некои луѓе не се запрашуваат дека одземајќи ни го името, загрозувајќи ни го идентитетот, културен, национален, етнички, бришејќи ни ја историјата со постојаните измени на преамбулата, како да сакаат да нè вратат сто години назад што би рекол Габриел Гарсија Маркез во ,Сто години самотија’. Наместо да се срамат од тоа, тие уште се повикуваат на Вас, дека да не бил народот нема да посегнеле по тие храбри европски одлуки. Ама сите анкети покажуваат дека народот не им верува. И замислете сега одеднаш анкетите не важеле, анкетите не биле вистински, анкетите биле фалсификувани. Срамота е кога дури и професори и интелектуалци шират вакви невистини. Видете, анкетите се научен инструмент, анкетите се прават по научна методологија, анкетите го мерат Вашето мислење за нас, анкетите треба да ни укажат што сме згрешиле, како да не грешиме, што да правиме. Анкетите имаат просветителска улога. Јас, да бидам искрена, и претходно и сега и во иднина, се разбира дека ќе им верувам на анкетите, бидејќи самата сум учела како се прават. Знам дека тоа го прават квалификувани луѓе. И, сега замислете, не се релевантни анкетите, ама не презентираат ни анкети порачани од нив и изработени од било кои квалификувани анкетни организации. Срамота! До таа мерка да се релативизира сè, па дури и науката не е во ред, рече таа.

Силјановска Давкова потсети што велат анкетите.

-Тие велат дека над 70% од граѓаните јасно тврдат дека оваа власт чекори во погрешен правец, дека го промашила правецот. Тоа не се европски чекори. Европските чекори би значеле потрага по стандарди што ги немаме, потрага по правна држава, потрага по безбедна држава, потрага по држава која што има чувство за солидарност. А, замислете суштината на социјалдемократијата се солидарноста, социјалната држава и хуманизмот, а на чело на социјалдемократија одеднаш се ликови кои се најбогати во државата. Неверојатно нешто! Ниту средниот слој го штитат, тие што живеат од својот труд, ниту изразуваат солидарност со пензионерите, а да не говориме за најсиромашните. Кој е резултатот? Граѓаните велат дека се несреќни. Се срамам од тоа што живеам во држава каде што народот се смета за еден од најнесреќните. Јас мислам дека има причини за среќа. Јас имам надеж за среќа ама најпрво треба да ја тргнеме таа несреќа. Тие се несреќа во политиката, во економијата, во образованието, во науката, во социјалната заштита. Да, тие се најсреќните луѓе, ама меѓу најнесреќниот народ, истакна кандидатката за претседател.

Најнови вести од Македонија

To top