Драги сограѓани, драги сопатници во заедничкото македонско патување и патешествие, во нашето споделување на арното и лошото, денеска е тој ден, најден, со заслужени суперлативи – најдолг, најсреќен, најубав, ден кога нешто оставаме како спомен од минатото и со себе ја земаме надежта за поубава година, се наведува во честитката што денеска ја упати претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова по повод новогодишните празници.
Во годинава што изминува, посочува, бевме сведоци на многу порази и падови, но и на успеси, хуманост, меѓусебна помош и поддршка.
Новата година, нагласува во честитката Сиљановска-Давкова, е момент да се направат многу нешта во пријатна атмосфера, но и момент да се потсетиме дека некои храбри луѓе бдеат над нашата благосостојба. Новата година, додава, секогаш буди оптимизам, надеж и раѓа нови можности.
– Како и во вашите животи, и во мојот, има и подеми и падови, но и стотици причини и мотиви да не се откажуваме. Ние секогаш имаме обврска да чекориме напред и кон подобро, заради нас самите, заради нашите деца и за општото добро. Мудриот рекол една гранка лесно се крши, но кога десет гранки ќе се сплотат, тоа е невозможно. Живеејќи во свет на искривени вредности, да испратиме пораки дека заедно сме посилни и посреќни. Да им подадеме рака и на немоќните, на лицата коишто живеат на маргините, потребни сме им, но и тие нам. Да изградиме општество во кое секој ќе има шанса за пристоен и достоинствен живот, ранливите ̶ поддршка, а младите ̶ инспирација, мотив и иднина. Имаме насушна потреба од еколошка правда и договор со природата, но не како наметната обврска, туку како предуслов за извесна иднина, порача претседателката Сиљановска-Давкова.
Таа меѓу другото додава дека како нација имаме право да го покажеме пред светот нашето вистинско лице, да ја кажеме нашата долговековна приказна, да веруваме во нашиот македонски сон.
– И како човек и како претседателка верувам дека вреди да се бориме за правото, правдата и моралот. Држејќи се до овие начела, малите земји имаат шанса да ги пребродат големите бури во меѓународните води. Да го чуваме како добри домаќини нашиот заеднички дом. Посакувам 2025-та година да биде година на успеси, стабилност, радости и остварени соништа. Да живееме во мир, спокој и хармонија со оние што ги сакаме и што нѐ сакаат, порачува во новогодишната честитка претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.