Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, кој од престојува во официјална посета на земјава, денеска ќе одржат заедничко предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Претседателката Сиљановска Давкова вчера го пречека Милатовиќ со највисоки државни и воени почести на церемонија во Вила „Водно“, по што следеа тет-а-тет средба и заедничка прес-конференција од која двајцата претседатели упатија порака за заедничка визија за стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ со фокус на регионалната соработка.
Милатовиќ посочи дека двете држави ги поврзува и длабоката историска блискост потврдена со меѓусебна солидарност и поддршка.
– Испраќаме пораки за регионална соработка и добрососедска поддршка. Го цениме фактот дека Северна Македонија беше меѓу првите држави што ја признаа Црна Гора и тоа стана цврст темел за развој на нашите билатерални и диплматски односи – нагласи Милатовиќ.
Тој изрази уверување дека во годините што доаѓаат двете земји ќе продолжат да градат односи, кои не се само стабилни на политичко ниво, туку и искрено блиски помеѓу нашите граѓани.
– И токму во таа блискост лежи силата на нашето големо партнерство и пријателство и сигурноста заедно да градиме подобар регион на Западен Балкан и нашата европска перспектива – рече Милатовиќ.
Потенцира дека токму европската перспектива на двете држави зазема посебно место во агендата на двете држави, при што, како што истакна, Црна Гора силно го поддржува европскиот пат на земјата.
– Во нас оваа држава секогаш ќе има сојузник и полна поддршка. Имаме цел да станеме 28. држава членка на ЕУ и со тоа да покажеме дека европската перспектива на овој регион не е само сон, туку и реалност – потенцира Милатовиќ.
Претседателката Сиљановска Давкова, од своја страна, истакна дека со колегата потврдиле оти се извонреден пример на регионало добрососедство, добар пример на соработка и внатре во рамките на НАТО, а денешната средба уште повеќе ја зацврствува довербата.
Таа истакна дека заедничка визија е стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ, а самитот ЕУ – Западен Балкан, како што рече таа, што ќе се одржи во Црна Гора, е доказ дека прашањето за членство на регионот не е само прашање поврзано за иднината, туку прашање што треба и може да стане реалност.
– Целосната интеграција на Балканот е неопходна за навистина ЕУ да биде заедница што инспирира и што е целосна. Регионалната соработка е не само наша обврска, туку е и право и дека меѓусебната поддршка на земјите од Западен Балкан за мене е императив. Ако не се почитуваме, не се разбираме меѓусебно, сами си го отежнуваме патот кон ЕУ – потенцира Сиљановска Давкова.
Во рамки на официјалната посета вчера беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Младинските совети при Кабинетите на двајцата претседатели. (МИА)