Македонија По еднонеделен протест

Штрајк на вработените во сите подружници на ЈП Национални шуми

-Неиздржливо е во услови на криза и зголемување на трошоците за живот, луѓето кои секојдневно работат да не добиваат плата. Очекуваме раководството да се вразуми и да се одважи и да им исплати плата на вработените, а во спротивно штрајкот ќе продолжи и во наредните денови, се’ до исполнување на барањата, потенцира Трендафилов.

Штрајк на вработените во сите подружници на ЈП Национални шуми

По еднонеделен мирен предупредувачки протест околу 2 000 вработени во 30-тина подружници на Национални шуми во земјава од денеска стапија во штрајк со барање до раководниот тим на Јавното претпријатие да ја исплати јануарската, како и феврурската плата за која рокот е до 15- ти март, како и исплата на сите додатоци од работа.

Ваквата одлука за стапување во штрајк пред три дена ја донеле сите вработените во ЈП Национални шуми со барање за исплата на двете плати, како и редовна исплата на сите  плати  и додатоци во наредниот период, информира на денешниот прес во Велес пред Подружницата „Бабуна“ на ЈП „Национални шуми, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, кој го поддржа штрајкот. Тој најави дека ако раководството денеска не им исплати плата,  штрајкот ќе продолжи и во наредните денови, се’ до исполнување на нивните барања.

-Неиздржливо е во услови на криза и зголемување на трошоците за живот, луѓето кои секојдневно работат да не добиваат плата. Очекуваме раководството да се вразуми и да се одважи и да им исплати плата на вработените, а во спротивно штрајкот ќе продолжи и во наредните денови, се’ до исполнување на барањата, потенцира Трендафилов.

Воедно појасни дека барањата не се само исплата на плати туку и на теренските додатоци кои не се исплатени повеќе месеци, како и други додатоци на плата утврдени со закони и со колективен договор, а кои не биле почитувани од оваа раководство на ЈП Национални шуми.

-Тука сум со нив да им дадам поддршка, а моите колеги од ССМ се во другите градови каде има подружници се’ со цел да им дадеме поддршка на колегите кои се одважија по многу години повторно да застанат и да штрајкуваат, потенцира Трендафилов.

На раководниот тим на ЈП Национални шуми му порача дека е поразително што не може да исплати плата, а доколку тоа не можат да го направат си поднесат оставка.

Тој на новинарско прашање информира дека ССМ веќе  разговарал со  раководството и дека тие  се правдале дека чекаат да земат позајмица. Но, Трендафилов потенцира дека тоа не е решение и дека позајмицата потоа ќе треба  да ја враќаат сите вработени во ЈП Национални шуми.

-Раководството секогаш има изговори, чекале  да добијат финансиска инекција од Владата. Но кога ќе ве постават да бидете менаџер  на едно јавно претпријатие и треба да  раководите со околу 2000 луѓе, вие треба да водите сметка дека редовно треба да им исплатите плата, рече Трендафилов.

Тој информира дека последната декемвриска плата била исплатена помалку линеарно за 6.800 денари на сите вработени.

Воедно обвини дека во услови кога не е исплатена плата раководниот тим пред неколку дена  објавил тендер за набавка на нови службени возила, а од почетокот на годинава имало 450 нови вработувања.

Зоран Игновски претседател на синдикатот на велешката Подружница „Бабуна“, информира дека и покрај штрајкот денеска  на работа од 7 до 15 часот се сите 58 вработени, но не ги извршуваат работните задачи.

Од синдикатот велат дека просечната плата во ЈП Национални шуми е 22, 24 и најмногу до 25 илјади денари, што е поразително за вработените. (МИА)

To top