Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, во рамки на неговата минирегионална турнеја, в среда ќе престојува во Македонија.
-Во Скопје тој ќе биде примен од министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерите Артан Груби и Бојан Маричиќ. Министерот Хасани ќе оствари средби и со лидерите на албанските политички партии, објави неговиот кабинет.
Во известувањето оттаму се додава дека целта на неговата тридневна туренја е да ја направи позначајна, продлабочена и дополнително конкретизирана соработката меѓу земјите, како и натамошен развој на добрососедските односи. На средбите со своите соговорници ќе се фокусираат на билатералните односи, безбедносните прашања и иднината на регионот во Европската Унија.
Хасани најпрво ќе ја посети Приштина, каде што утре ќе биде примен од косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала-Шварц, со која ќе одржат прес-конференција, потоа ќе се сретне со претседателката Вјоса Османи, претседателот на Собранието Глаук Коњуфца, вицепремиерот Бесник Бислими и со претставници на политички партии.
По посетата на Скопје в среда, Хасани ќе ја посети и Подгорица в четврток и ќе се сретне со министерот за надворешни работи ан Црна Гора Филип Ивановиќ, претседателот Јаков Милатовиќ, вицепремиерот Ник Ѓелошај, со Националниот совет на Албанците и лидерите на албанските политички партии во Црна Гора. (МИА)