Кандидатот на Демократските сили на Ромите(ДСР) за градоначалник на Општина Шуто Оризари, Шабан Салиу, објави видео-обраќање со јасна порака за социјална правда, услужна администрација и транспарентно домување за ранливите категории граѓани.
-Не ни треба градоначалник што ја менува партијата како дрес. Ни треба општина што работи услужно, порачува Салиу, најавувајќи конкретни мерки за достоинствено домување.
Во фокусот на планот е систем за социјални станови со јасни правила и јавен надзор.
„Ни треба градоначалник што ќе се бори секој жител на Шуто Оризари да има свој дом. Во нашето Шуто Оризари ќе има социјални станови за ранливите семејства: за семејствата со најниски приходи, за самохраните родители и за лицата со посебни потреби. Ќе имаме јасни критериуми и јавни листи за распределба на социјалните станови“, вели Салиу.
Салиу нагласува дека приоритет ќе бидат мерливи резултати и институционална одговорност.
-Затоа што нашите луѓе заслужуваат многу повеќе. Не ветувам чуда — ветувам работа што се гледа и одговорност што се чувствува, порачува Салиу.
Во завршната порака до граѓаните, Салиу повика на поддршка на локалните избори
„На 19-ти октомври заокружете го бројот 24 – НЕ ВЕТУВАМЕ, ОСТВАРУВАМЕ“, вели кандидатот на ДСР за градоначалник на Општина Шуто Оризари, д-р Шабан Салиу.