На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје во неделата починала пациентка со грип. На оваа клиника моментално имало хоспитализирано околу 25 пациенти со грип, од нив дел со полесна, а други со потешка клиничка слика.
Директор на Инфективната клиника во Скопје, доктор Фадил Цана, во изјава за МИА, информираше дека се работи за 75-годишна жена со доста коморбидитети, кај која е потврдено присуство на Инфлуенца тип А.
– Двајца пациенти моментално се на респираторна поддршка. И тука станува збор за постари лица, со доста коморбидитети. Претежно се невакцинирани пациенти, изјави за МИА, директорот Цана.
Докторот уште еднаш апелираше ризичните групи да се вакцинираат против грип. Ги советуваше оние со симптоми како температура, треска, болки во мускули, по тело, да седат дома и да се јават кај матичен лекар. Исто така, да се избегнува групирање доколку се има симптоми на грип.
Досегашните анализи покажале дека досега сезонава сме во малку полоша состојба со грип во споредба со лани, истиот период.
– Во споредба со минатата година, оваа сезона е со средна до висока активност на вирусот на грип на национално ниво, потврди Цана во изјавата за МИА.