Македонија Во Собрание

Седница на Комисијата за изборите и именувањата, одржана првата координација

На координацијата во Собранието, главно, како што информира собраниската прес-служба, било дискутирано за конституирањето на комисиите, како и на неформалните работни тела во законодавниот дом.

Седница на Комисијата за изборите и именувањата, одржана првата координација

Во Собранието денеска ќе се одржи седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Како што стои на собраниската веб-страна, на дневен ред на првата седница на оваа Комисија се Утврдувањето Предлог – одлука за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на собраниските комисии, разгледување на барање од поранешниот претседател Стево Пендаровски, за мирување на правото на пензија по престанување на функцијата и разгледувањето на барања за остварување на плата по престанок на функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија.

Претседателот на Собранието Африм Гаши вчера ја одржа првата редовна координација во новиот собраниски состав. Претставниците на владејачките партии вчера во Собранието, по координацијата, околу законските измени поврзани со промените на министерствата во Владата изразија очекувања дека ќе го обезбедат потребното двотретинско мнозинство и да бидат изгласани овие промени. Додека, пак, од опозициските партии нагласија дека дека прво сакаат да ги видат, па потоа ќе донесат заклучок за законските измени за реорганизација на министерствата.

На координацијата во Собранието, главно, како што информира собраниската прес-служба, било дискутирано за конституирањето на комисиите, како и на неформалните работни тела во законодавниот дом.

Како што информираа од собраниската прес-служба, Гаши притоа информирал дека кон крајот на оваа работна недела треба да се одржи нова седница на Собранието, со цел верификација на останатите два мандата на пратеници, кои не беа верификувани на конститутивната седница на 28 мај годинава. Државната изборна комисија, како што посочил Гаши, веќе има доставено извештај за овие два мандати, така што неделава треба да се закаже седница за нивно верификување, со што ќе се комплетира новиот собраниски состав.

Во однос на формирањето на комисиите, присутните ја разгледале можноста во наредните денови првично да се изберат претседателите и членовите на Законодавно правната комисија и на Комисијата за политички систем, со оглед на тоа што течат роковите за избор на новата Влада. Потоа, како што наведуваат, во најбрз можен рок, политичките партии би требало да достават предлози за претседатели, членови и заменик-членови на сите други работни тела на Собранието, согласно бројот на мандатите освоени на изборите.

На координацијата, како што посочуваат од Собрание, покрај Гаши и генералната секретарка Цветанка Иванова, присуствувале претставници на сите партии, односно коалиции кои освоија пратенички мандати на неодамнешните парламентарни избори – Никола Мицевски од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Спасовски од коалицијата на СДСМ, Блерим Беџети од Европскиот фронт, Халил Снопче од ВЛЕН, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Борис Крмов од Левица.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски вчера во изјава за медиумите истакна дека очекува да го обезбедат потребното двотретинско мнозинство за да бидат изгласани законските измени поврзани со промените на министерствата во Владата.

-Тоа е предизборно ветување што го дадовме на граѓаните и со кое ги запознавме во предизборниот период. Во моментов, работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните, рече Мицевски во изјава за медиумите по денешната прва официјална координација на собранискиот спикер Африм Гаши со претставници на партиите.

Пратеникот на Коалицијата „Вреди“, Халил Снопче вчера истакна дека даваат поддршка и очекуваат дека и другите пратеници ќе ги поддржат измените на системските закони за да се овозможи формирање нови и трансформација на постоечките министерства.

-Нема причина да не се поддржи ова. Даваме поддршка на новиот владин кабиент. Треба двотретинско мнознство, за двотретинско мнозинство сигурно ни треба поддршка од пратеници од опозицијата. Без таква подддршка не може да помине. Ние сметаме дека треба да се поддржи ова барање во насока на конфигурација, вели изјави Снопче.

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски во изјава за медиумите во Собранието за законските измени за реорганизација на министерствата, истакна дека на невидено поддршка или неподдршка не може да биде дадена.

-Во однос на тоа дали ќе даддме поддршка по однос на законите за како што тие ја нарекуваат реформа на администрацијата, треба тие закони прво официјално да дојдат во Собрание. На невидено поддршка или неподдршка, не може да биде дадена. Треба да ги видиме законите. Што е тоа што пишува во нив, кој е официјалниот текст и на основа на тоа ќе донесемне заклучок, одлука, и на ниво на партија и на пратеничка група дали ќе бидат поддржани овие закони, рече Спасовски.

Пратеникот на Коалицијата „Европски фронт“, Блерим Беџети вчера изјави дека законските измени поврзани за реорганизацијата на министерствата уште не стигнале до нив и потенцира дека ќе дадат конкретен став откако ќе ги видат и разгледат.

-Во однос на предлог законот што се потребно двотретинско мнозинство, ние не сме го виделе се уште тој закон. Кога ќе го  разгледаме, кога ќе стигне до кај нас ќе дадеме конкретни мислења и ставови. Ние не сме го разгледале, но факт е дека имаме и друг контекст, односно многу освен и начелен политички контекст каде што не се почитува волјата на мнозинството гласачи на Албанците и на другите етнички заедници, односно турската, бошњачката и ромската заедница кои се дел од „Европскиот форнт“ и нормално како нелегитимна, рече Беџети. (МИА)

To top