Македонија Министерство за образование и наука

Се зголемува бројот на училишта кои воведуваат едносменска работа, за целосна оптимизација на училишната мрежа ќе се вложат 8 милиони евра

Исклучително сум задоволна што општините ја прифаќаат оваа идеја, затоа што обезбедува повеќе придобивки – ги задржуваме децата подолго на училиште имајќи предвид дека имаат 900 часови помалку од европските врсници до 15 годишна возраст и тие повеќе се социјализираат и почитуваат меѓусебно, рече Јаневска.

Се зголемува бројот на училишта кои воведуваат едносменска работа, за целосна оптимизација на училишната мрежа ќе се вложат 8 милиони евра

Во моментов во 150тина училишта се реализира настава во една смена, а за целосна оптимизација на училишната мрежа што ќе значи и воведување на едносменско работење во сите основни училишта во државата, потребно е да се доградат 300 училници и 70 санитарни јазли, за што, според проценките кои ги направивме со УНИЦЕФ и Светска банка треба да се инвестира околу 8 милиони евра. Освен средства, потребно е и време, но ќе бидеме истрајни и во соработка со локалните самоуправи ќе ја оствариме целта.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска при денешната посета на основното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во општина Ѓорче Петров, каде од денеска сите наставници и ученици наставата ќе ја реализираат во една смена.

„Исклучително сум задоволна што општините ја прифаќаат оваа идеја, затоа што обезбедува повеќе придобивки – ги задржуваме децата подолго на училиште имајќи предвид дека имаат 900 часови помалку од европските врсници до 15 годишна возраст и тие повеќе се социјализираат и почитуваат меѓусебно, ги намалуваме тековните трошоци за работа на училишните објекти и го решаваме предизвикот со наставниците кои немаат доволен фонд на часови“, рече Јаневска.

Напомена дека сé поголема е иницијативноста на општинските раководства за подобрување на состојбите во образованието, затоа што, како што посочи, на сите ни е јасно дека знаењето на граѓаните е фактор на кој се потпираме и кој треба да го води развојот на државата.

Во општина Ѓорче Петров досега во четири од вкупно шест основни училишта е воведено едносменско работење.

„Мора да се знае дека ова е процес кој ќе трае подолго време, не година или две, бидејќи се потребни крупни инфраструктурни инвестиции за да се создадат услови за едносменска настава секаде. Но почнавме и ќе бидеме истрајни. Немаме друга алтернатива доколку сакаме поефективно образование, социјализирани генерации со подобри знаења од оние што сега ги покажуваат на меѓународните тестирања“, додаде Јаневска.

Најнови вести од Македонија

To top