Во Фондот за здравствено осигурување на Македонија, генералниот директор на Фондот, Сашо Клековски, денеска се сретна со делегација на Вертекс, единствениот производител на иновативна терапија за цистична фиброза во светот, на која беше истакната посветеноста и грижата на Фондот за пациентите со цистична фиброза, информираат од Фондот.
Клековски истакнал дека се прават напори за подобрување на грижата на државата за пациентите со цистична фиброза.
-Подготвени сме за подобрување на грижата кон пациентите со цистична фиброза со вклучување на поголем број пациенти, што е можно поскоро, истакнал директорот на Фонфот за здравствено осигурување на Македонија, Клековски.
Делегацијата на Вертекс била предводена од Адриан Василиу, комерцијален директор за Централна и Источна Европа. На средбата бил присутен и Игор Г. Николов, советник на Премиерот за реформи во здравството.
Директорот на Фондот се заблагодарил за напорите на Вертекс да вклучи иновативна терапија и за целокупната поддршка на Македонија, која започнува во 2022 година.
Претставниците на делегацијата на Вертекс го истакнале значењето на раната детекција на болеста цистична фиброза, каде МАНУ има резултати на европско ниво, како и потребата од навремено вклучување на болните кои ја имаат оваа дијагноза во програмите за лекување.
Клековски најавил дека следната недела ќе заврши процедурата за внесување во Позитивната листа на лекот Микрозим кој е од групата на панкреасни ензими, и е наменет за овие пациенти.