Се интензивираат работите на автопатот Прилеп- Битола кој е дел од Коридорот 10Д. Треба да биде готов за три години, до крајот на 2027 година и да обезбеди економски развој на општините од Југозападниот регион, констатираа при денешниот увид на работите владините претставници, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николовски, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајаноски. На увид беа и претставници на „Бехтел и Енка“ кои ги изведуваат работите и амбасадорката на САД во нашава земја, Анџела Агелер.
Од околу 40 километри на автопатската делница, во моментот фронт на работа се 6 километри. Од 1300 парцели екпроприрани се 850, а од 500 хектари, на 100-тина се отстранети експлозивни направи, со помош на Армијата. Од досега најдените околу 19 500 можни експлозивни материјали, се извадени 200.
-Ние сега сме еден чекор пред „Бехтел и Енка“. Ако претходно чекаа зашто не беше извршена експрорпијацијата, ако чќекаа бидејќи не беше решено деминирањето, сега тоа е решено и нема да плаќаме толку пенали, туку, напротив, „Бехтел и Енка“ треба да не следи нас, изјави Коце Трајановски, директор на ЈП за државни патишта.
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски го нагласи значењето на автопатот за економскиот развој на општините од југозападниот регион.
-Овој автопат води до два големи центри во Македонија, до Прилеп и до Битола, а тука води и до границата со Грција, до нашиот втор граничен премин со Грција, што значи целосно отворање и за туризмот и за економијата. Ова значи заживување на економијата за целиот Пелагониски регион, добрите економски перформанси во овој регион дополнително се надградуваат, да се отвораат нови добро платени работни места и луѓето да ја видат својата иднина тука, рече Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен како се одвиваат работите на теренот.
– Битно е дека ние сме практично пред динамиката која ја имаа градежната компанија за да не го кочиме процесот и од она што можев во неформален разговор од одговорните да го слушнеме е дека до отприлика крајот на 2027 година, отприлика 3 години ќе бидат потребни за ова овде да се заврши, изјкави Мицкоски.
Автопатот Прилеп-Битола треба да биде готов до крајот на 2027 година. Заедно со експресниот пат Градско-Прилеп кој се гради во три етапи и треба да биде готов за една година, целосно ќе ја промени реалноста во регионот.