На денешната промоција на кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ за парламентарните избори 2024 свое обраќање имаше генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител во изборна единица 5, Ѓорѓија Сајкоски кој што истакна дека да се биде носител на листа е голема чест, особено на ИЕ5 која важи за културен трезор на Македонија и регион на револуционерни изблици во минатото.
„Корупција. Некомпетенција. Криминал. Регресија. Ограбени претпријатија. уништени Институции. Кој уште негативен синоним да им го препишеме на оние во заминување. Дали останаа зборови со кои може да се опише потфрлањето? Што е уште поважно прашање, дали вреди да се губи време дополнително зборувајќи за тоа? Македонската, па дури ни светската историја не памети вакво однесување на една влада кон својот кон сопствениот народ. Како што Балтазар Грасијан рекол „Вистината обично се гледа, ретко се слуша”, не сакам да зборувам за тоа што било, затоа што видовте. Ама силно верувам дека ќе ни дадете шанса да ви покажеме и да видите дека може поинаку, подобро и поодговорно. Јас верувам во вас, народот на Македонија“ истакна Сајкоски.
Сајкоски кажа дека дава завет дека ќе ја видиме Македонија достоинствено исправена и горда.
„Да се биде носител на листа е голема чест, особено на ИЕ5 која важи за културен трезор на Македонија и регион на револуционерни изблици во минатото, но тоа не значи помала работа, туку поголема посветеност или одговорност. Напротив, пред сите присутни тука, пред вас почитуван претседателе проф д-р Христијан Мицкоски, и вас почитувани кандидати за пратеници, членови на ВМРО-ДПМНЕ, претставници на коалицијата и на медиумите, како и пред вас кои сте изморени и веќе кревате раце, спремни да заминете и да ги оставите семејството, пријателите и татковината зад себе, како и пред вас кои сте надвор од границите на земјава барајќи живот, давам завет дека ќе војувам-политички, лојално и конвенционално, ако треба и со последните сили кои ги имам, само за да ја видиме Македонија достоинствено исправена, горда, наша Македонија“, истакна Сајкоски.
Сајкоски повика да не се дозволува апатијата или цинизмот да ја диктира иднината тука да се биде гласен во борбата за подобра Македонија.
„Знам дека многумина од вас можеби се чувствувате разочарани или обесхрабрени од состојбата на нашата политика денес. Можеби се чувствувате како вашиот глас да не е важен или нема да направи разлика. Но исто така знам дека секое населено место копнее за подобар стандард за живеење. Верувам дека и во Центар Жупа, Дебрца, Маврово и Ростуше, Дебар, Пласница, Долнени и Демир Хисар сакаат напредок. Знам и дека битолчани, охриѓани, стружани, кичевчани, ресенчани и крушевчани веќе се спремни и очекуваат промени како и сите други. Затоа ве повикувам: не седете настрана. Не дозволувајте апатијата или цинизмот да ви ја диктира иднината. Станете и бидете гласни“, посочи Сајкоски.
Сајкоски повика на единство и соработка и борба за подобра Македонија.
„Верувам во моќта на единството над поделбата, на соработката над конфликтот. Мора да се здружиме како една нација, признавајќи дека нашата разноликост е нашата сила. Мора да се слушаме едни со други, да ги почитуваме различните перспективи и да најдеме заедничка основа за да се справиме со нашите заеднички предизвици. Ајде сите заеднички да застанеме под знамето и сплотено да го оживееме мотивот на ВМРО-ДПМНЕ. За стабилна економија. За функционално здравство. За праведно правосудство. За образовниот систем пак да образува, за енергетска независност, за идентитетот. Овие избори повеќе од било кога, предводени од гнев заради неправдите, а мотивирани од љубовта кон татковината, да собереме сила да се бориме за сечие добро! Да се бориме за Македонија“, кажа Сајкоски.