Со тест по мајчин јазик, вкупно 14.834 ученици го започнаа полагањето на државната матура во учебната 2023-2024 година. По овој повод, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги посети струшките средни училишта „Нико Нестор“ и „Др.
Ибрахим Темо“ каде, посакувајќи им успех на матурантите, рече дека очекува процесот да помине во најдобар ред, затоа што истиот е пракса веќе 16 години.
„Клучна новина годинава е тоа што учениците полагаат во пошироки просторни услови, односно во холовите и салите на своите училишта, или во најблиското каде има соодветни услови, наместо како досега во училниците. Идејата е да се обезбеди поголема транспарентност и објективност на процесот“, посочи министерот.
Тој додаде дека оние кои се вклучени како набљудувачи и тестатори во државната
матура, на овој начин имаат полесна контрола и увид во однесувањето на учениците за време на полагањето и како што рече, очекува да бидат елиминирани обидите за манипулации и злоупотреби одредени начини или помагала при пополнувањето на тестовите.
Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмети, 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полага денес, додека следниот испит ќе биде на 8 јуни. Прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори.
Државната матура се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа. Во процесот, годинава вклучени се 2000 наставници како тестатори и околу 250 набљудувачи од државните институции.