Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска оствари работна средба со Почесните конзули на странски земји.
На средбата министерот Муцунски се заблагодари за плодната соработка, комуникација и успешно изградените односи во изминатиот период, што несомнено имало силен придонес кон унапредувањето на односите со државите чии интереси тие ги претставуваат.
Говорејќи за новите надлежности на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и реорганизацијата на постојниот систем за привлекување и управување со странските инвестиции, министерот Муцунски изрази надеж дека почесните конзули како наши државјани, ќе дадат силен придонес во економијата, засилувањето на процесот на привлекување на странските инвестиции, поттикнување на нашата надворешно трговската размена, засилување на заемните туристички понуди, како и друг вид на промоции со цел зголемување на сите видови соработка.
Министерот Муцунски се осврна и геополитичките случувања во регионот и во Европа, нагласувајќи дека нашата држава има цел да биде силен, кредибилен и одговорен субјект во меѓународните односи и земја која активно придонесува за стабилноста, безбедноста, сигурноста и економскиот просперитет на регионот и пошироко.
„Нашата влада целосно е свесна за сите проблеми со кои веќе се соочува и во таа насока ги препознаваме сите позначајни предизвици, барајќи брзи и ефикасни решенија и користејќи ги сите возможни алатки во прилог на одговорно надминување на пречките кои ќе ни помогнат да бидеме далеку поодговорни, потранспарентни и ангажирани”, додаде Муцунски во своето обраќање.
Во рамки на своето обраќање тој ја нагласи и посветеноста на почесните конзули во промовирањето на богатата македонска култура и наследство, што како активност секако помага за зголемен степен на меѓусебното препознавање и запознавање и истовремено придонесува за поголемо зближување и доверба меѓу нашата држава и оние државите кои тие ги претставуваат.
На крајот од обраќањето министерот Муцунски ја нагласи подготвеноста за соработка во иднина на чие продлабочување треба заемно да се работи, потенцирајќи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува отворено подготвен да потребна помош и поддршка за сите протоколарни прашања и услуги, а кои како такви ќе го олеснуваат нивното идно работење.