Интегрален текст од изјавата на пратеничката Драгана Бојковска:
„Денес, заедно со господинот Бојан Кордалов, сакам да упатам неколку клучни пораки кои произлегуваат и од публикацијата за ЕУ скептицизмот меѓу младите.
Најпрвин – и покрај сите неправди со кои Македонија со години се соочува на патот кон Европската Унија, факт е дека нема голем ЕУ скептицизам и дека токму младите се најмалку евроскептични. Од сите старосни категории, тие се групата со најголема желба нашата држава конечно да стане дел од европското семејство.
Нотирано е дека младите го гледаат билатералниот спор како главна пречка за напредокот. Што значи дека нивната порака е јасна – сакаат фер и еднакви шанси за пристапување, исто како што ги имале сите претходни земји- кандидати.
Миграцијата на младите е нотирана и оттука сакам да најавам дека за прв пат во предлог Буџетот за 2026 година се воведува нова ставка: Демографија и миграција, во вредност од над 1 милион евра. Средства што ќе бидат насочени кон кампањи, програми и стимули за задржување и враќање на нашите млади и талентирани луѓе.
Паралелно, забрзано се работи и на дигитализацијата – и на државните услуги, и на универзитетите. Веќе во МОН почна изработката на нов концепт за користење на вештачка интелигенција во образованието и подигнување на дигиталната писменост.
Дополнително, 65% од Оперативниот план за вработување е наменет за младите, со фокус на претприемништво, иновации и креирање на нови можности. Невработеноста веќе е во пад, а со оваа мерка очекуваме уште поголемо намалување на младинската невработеност.
Пораката е јасна: оптимизмот ќе расте кога младите ќе видат дека за Македонија важат исти услови како за сите претходни кандидати – фер процес, почитување на копенхагеншките критериуми, борба против корупцијата и доверба во судството, кое треба да суди на вршителите на корупција.
Како пратеници и како Влада, секојдневно работиме да ги подобриме сите сфери на општеството. Нашето место е во ЕУ. Тоа е местото каде што припаѓаме. Но – припаѓаме таму со достоинство, со јасни принципи и со гласот на младите којшто ќе биде слушнат, како наш најсилен двигател.“