-Апликацијата е изградена врз принципите на инклузивност и достапност кон корисниците, обезбедувајќи дека сите членови на заедницата – без оглед на возраста, потеклото или техничкото знаење – можат активно да учествуваат во обликувањето на иднината на нивната општина. Преземањето на апликацијата Комунити е многу едноставно преку мобилните продавници за апликации (App store), со персонализирање на искуството на корисниците, уредување на профилот и регистрирање на личните преференции, по што веднаш може да се користи, велат од Индиго.
Овој интерактивен настан, додаваат, има за цел да поттикне поврзување, соработка и позитивни промени во заедниците низ општините, а е првиот во низата настани и ќе биде збогатен со музички перформанс, доделување на награди на најактивните посетители и сл.
Комунити караванот, како што посочуваат, е осмислен како динамичен настан за вклучување на различни чинители во заедницата, вклучувајќи локални лидери, активисти, едукатори, претприемачи и жители. Преку серија интерактивни обуки и сесии за вмрежување, учесниците ќе имаат можност да станат дел од големото Комунити семејство.
-Преку ова патувачко претставување, граѓаните од општините Гевгелија, Струмица, Гостивар, Охрид, Чаир и Шуто Оризари ќе земат активно учество во одржливиот развој на заедницата, зачувувањето на животната средина, различноста и вклученоста, дигиталната писменост и вклученост на сите чинители во поедноставен живот. Веруваме дека енергичните заедници се изградени врз основа на соработка, емпатија и заедничка цел. Комунити е проект на кој сме особено горди и кој e резултат на нашата посветеност за зајакнување на иницијативите и спроведување на позитивните промени на локално ниво. Нашата главна цел со имплементирање на Комунити платформата не е само да инспирираме и едуцираме, туку и да поттикнеме акција. Сакаме секој учесник да покаже чувство на енергија, подготвеност и моќ да направи видлива разлика во својата заедница, велат од Индиго.
Настанот е организиран во рамки на проектот на УСАИД „Здружи се за заедницата“, спроведуван од асоцијацијата Конект, a во партнерство со Фондацијата Аполонија, Индиго и ЕВН.