Претседателката на државава, Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски денеска го доделија признанието „Македонски квалитет“ за 2024 година. На традиционалната манифестација во организација на Сојузот на стопански комори, а под покровителство на претседателот на државата, беа врачени признанија на 10 македонски компании што дале значаен придонес во развојот на националната економија и нејзина промоција на меѓународно ниво.
На настанот што се реализираше во „Вила Водно“, признанија добија Македонските семејни винарии и македонски дестилерии, „Премиум сејфти солушн“, „Серафимов груп“, „Капитал ассет менаџмент“, балетското студио „Ребис“, „Сектор филм“, „Мај принт“, „Ларес ДООЕЛ Кавадарци“, „Елена Лука груп“, „Глобал нет“.
Ангелоски и Сиљановска Давкова доделија признанија „Македонски квалитет“ за 2024 година
– Денеска сме тука да им оддадеме признание на овие компании што и покрај силните предизвици со што се соочуваат, успеале да го видат светлото на крајот на тунелот и успеале да ја зачуваат деловната активност, креирале работни места, создале додадена вредност и придонеле за економски раст и развој. Позитивниот резултат во работењето што го постигнале е особено важен бидејќи доаѓа во многу тешко време за водење бизнис, рече претседателот на Сојузот на стопански комори.
признанија „Македонски квалитет“ за 2024 година фото миа
Сиљановска Давкова потсети дека признанието традиционално се доделува кон крајот на секоја година.
– Освен придонесот за буџетот, вработувањата, развојните инвестиции, морам да го подвлечам фактот дека голем број од добитниците се општествено одговорни компании што суштински и помагаат и ги следат потребите на заедницата, истакна Сиљановска Давкова.
Претседателката на државава им посака на сите стопански субјекти во новата 2025 година да продолжат да бележат успеси и профит, да напредуваат, да се развиваат.
– Вашите успеси ќе значат и успех и на државата, поразвиена економија и подобар животен стандард, нагласи Сиљановска Давкова.