Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози, соопшти АМСМ и потсетува дека од 15 ноември започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната гдина.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 15.11.2024 е затворен за сообраќај за сите видови возила.
„Доо Стентон Градба – Битола” известува дека согласно Одобрение за времена измена на режим на сообраќај, на магистрален пат А1 делница Фариш – Прилеп ќе врши санација на ударни дупки од 19.12.2024 г. до завршување на градежните работи.
Синтек инженеринг ДООЕЛ известува дека реконструкцијата на тунелски цевки на автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица , фаза 1 е завршена и сообраќајот се пушта во траен режим на сообраќај од 10.12.2024 година.
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1306 делница Прилеп-Крушево -Сладуево, заради започнување со градежни активности во врска со проект Санација на оштетувања на регионален пат Р 1306 делница Прилеп-Крушево-Сладуево, во вид на слегнувања на трупот на патот на стационажа од км 15+100 до км 15+600. Заради тоа од 16.12.2024 год. па се до завршување со градежни активности ќе се изврши целосно затворање на делницата во потег од Мало Коњари до Кривогаштани. При тоа сообраќајот ќе се одвива по друга делница во склоп на поставената сообраќајна сигнализација, согласно Одобрение за времена измена на режим сообраќај и Сообраќаен проект.