Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Бае Џонгин, новоименуваниот амбасадор на Република Кореја во Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма истакна дека со воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година, пред двете пријателски земји се отворија значајни можности за унапредување на соработката во сите области од заеднички интерес и притоа го потенцираше нашиот интерес за јакнење на економските врски, но и соработката во областа на културата, образованието, науката, туризмот.
Претседателот рече дека денес, Република Македонија и Република Кореја споделуваат и се залагаат за исти вредности на демократијата и функционалниот мултилатерализам. Посочи дека вреднувањето на човековите права и слободи, мирот и стабилноста, се вредности коишто се длабоко врежани во колективната меморија на нашите народи и додаде дека тоа создава одлични основи за натамошно продлабочување на врските, без оглед на географската оддалеченост на двете држави.
Амбасадорот на Република Кореја, Бае Џонгин во своето обраќање нагласи дека заедничката посветеност на демократските вредности претставува цврста основа за проширување на соработката меѓу двете држави и изрази надеж за зајакнување на економските врски во областа на трговијата, инвестициите, автомобилската индустрија, енергијата и напредната технологија. Тој рече дека првични чекори се веќе преземени, а како пример го наведе заедничкиот проект меѓу царинските служби и притоа изрази надеж за спроведување слични проекти следната година, користејќи ги како отскочна штица за унапредување на односите. Амбасадорот Џонгин рече дека зголемен акцент ќе стави и на промовирањето на корејската култура во Република Северна Македонија и го најави отворањето на Почесен конзулат на Република Кореја во Скопје, за кој рече дека ќе има клучна улога во зајакнувањето на билатералните односи.
Претседателот Пендаровски на амбасадорот Џонгин му посака успех во извршувањето на одговорната мисија и изрази увереност дека во вршењето на неговите дипломатски должности ќе ужива целосна поддршка од нашите државни институции.