Борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена и таа мора да продолжи пред меѓународните институции за човекови права, нагласи денеска академик Живко Попов, претседател на Македонската академија на науките и уметностите. На годишното Собрание, рече дека минатата година, Академијата остварила забележителни резултати во научноистражувачката и уметничката дејност, а за оваа година е предложена обемна и богата работна програма со вкупно 71 проект од разни области. Тој посвети посебен дел на минатогодишното одбележување на јубилејот од 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Со тоа, македонскиот јазик не само што бил официјализиран во Македонија, туку бил и внесен во светското семејство на литературни јазици.
–Официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е никаква „вештачка конструкција“, туку логичен тек на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на цела територија. Тој има долга историја и особен влог во рамките на групата на словенски јазици и светското јазично семејство. Но борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена. Таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. Државните институции треба да вложат поголеми усилби за имплементација на Законот за македонскиот јазик. Потребно е и воспоставувањето на правилна употреба на македонскиот јазик како официјален јазик за меѓусебно разбирање на сите граѓани на државата, согласно со општоприфатените меѓународни прописи во светот и во ЕУ – рече првиот академец во годишното обраќање.
Партизацијата на општеството – најголем проблем
Попов потсети дека македонскиот јазик е единствениот национален јазик во Европа, заедно со црногорскиот, без свој национален или референтен корпус и дека тој пропуст мора да се исправи. Корпусите, додаде тој, претставуваат големи колекции на јазични податоци и се неопходни за напредокот на многу поддисциплини во рамките на лингвистиката.
– Потребни се коренити реформи во сферата на научноистражувачката дејност и високото образование, а подигањето на нивниот квалитет е услов без кој македонското општество не се може да се развие. Тие мора да се третираат како стратегиски приоритети на државата кои во иднина би вклучиле формирање на посебно министерство за високо образование, унапредена и рационална рамка за високо образование, но и за МАНУ – нагласи академик Попов.
Зборувајќи за проблемите во македонското општество, тој посебно ја нагласи партизацијата.
– Можеме слободно да констатираме дека во нашето општество сè уште е присутна генерална партизација на институциите. Посебно е видлива во јавната администрација, но и во другите државни институции кои треба да бидат независни. За жал, ваквата ситуација ќе потрае. Партизацијата доведе и до нефункционален правосуден систем со минимална доверба на граѓаните и перманентна критика во извештаите. Судскиот совет, во неговото досегашно дејствување, не се покажа доволно силен, убедлив и компетентен да ги наметне своите одлуки, а што се очекува да биде променето со новиот закон. Во нашата земја треба да се изберат правосуден систем и законодавство што одговараат на големината на државата, на менталитетот на населението и на меѓународната практика – рече тој.
Попов нагласи дека со тоа што на повидок е формирање и на четврти медицински факултет во земјава, се девалвира и се разводнува квалитетот на наставата и науката. Двомилионско население во земјава, според него, може да произведе квалитетни професори и доволен број на пациенти за едукација на студентите едвај за еден квалитетен факултет.
– Неопходно е поскоро обединување на клиниките во еден универзитетски клинички центар на Македонија и негово соединување со Медицинскиот факултет и враќање во матичната установа УКИМ – нагласи првиот академик.
Стратегиски партнери треба да помогнат за ЕУ
Во однос на евроинтегративните процеси, Попов рече дека тие се комплетно блокирани со ирационалниот спор со нашите соседи.
– Потпишаниот воено-политички стратегиски договор со САД, битното подобрување на односите со американската администрација предвидена од претседателот Трамп, во секој случај, е нешто многу позитивно. Одличен избор е и нашиот стратегиски договор со Обединетото Кралство. Сето тоа, кај поголемиот дел од македонскиот народ, влева надеж дека може да се добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и подобрувањето на релациите со Брисел. Во она што може да следува како сценарио, нашата мала земја нема да може да се справи сама, затоа и се потребни силни стратегиски партнери – рече Попов.
Според него, европскиот пат е нашата единствена права и реална опција.
– Пред сè, сме Европејци, а ЕУ е свесна дека европскиот континент никогаш нема да биде комплетен без Западен Балкан. Урсула фон дер Лајен изјави дека „заслугите на земјите кандидатки го одредуваат пристапувањето кон ЕУ“. Но, дали е така? Овој принцип и очекувана шанса нè чини, нас, повозрасните, половина живот исчекување и опстојување на маргините на ЕУ. Нашите стратегиски партнери треба да ѝ помогнат на Македонија поскоро да го заврши интегративниот процес, нагласи претседателот на МАНУ.