Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Охрид, се обрати на отворањето на 18. европски конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт ФИЕПС, во рамки на кој ќе се одржи и 6. научна конференција „Истражување во физичкото образование, спорт и здравје“.
Конгресот, што се одржува до 2 јуни во Охрид, е во организација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во соработка со Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и Федерацијата на спортски педагози на Македонија.
Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Гордана Сиљановска Давкова
Задоволство ми е да ви посакам добредојде во Охрид, во македонската духовна, културна, но и спортска престолнина. Овде пред 70 години започна да се одржува Охридскиот пливачки маратон. На бреговите на Охридското езеро се родени великаните на македонското пливање – Нико Нестор и Атина Бојаџи – првите македонски пливачи кои, пред повеќе од половина век, го препливаа Ла Манш.
Оттука, нема посимболично место од Охрид за одржување на европскиот конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт – ФИЕПС.
Физичката активност е една од најважните работи за одржување и унапредување на физичкото и на менталното здравје на луѓето. Спортувањето убедена сум дека превенира многу непреносливи болести, ги унапредува когнитивните способности, го подобрува сонот и ги намалува опасностите од анксиозност и депресија.
Но, и покрај овие очигледни придобивки, според проценката на ОЕДЦ и на Светската здравствена организација, дури третина од возрасното европско население не е доволно физички активно. Тоа може да резултира и резултира со над 11 милиони нови случаи на непреносливи болести до 2050 година и огромен буџетски товар врз здравствениот и социјалниот систем на секоја држава.
Причини за ваквата загрижувачка состојба има повеќе. Физичката активност која во минатото била составен дел од секојдневието, денес е на маргините на животот. Заради современиот начин на работа и на живот, сè повеќе луѓе, вклучително и младите, се фатени во мрежата на телевизиските и компјутерските екрани, социјалните медиуми и брзата храна.
Како да излеземе од оваа надолна спирала? Одговорот лежи, како што веќе чувме, во холистичкиот пристап кон физичката активност и кон спортот. Во практика, тоа значи да им се помогне на луѓето да развијат здрави навики и да водат физички активни животи.
Спортот може да биде училиште на животот преку кое децата и младите луѓе ќе учат за олимписките вредности, за другарството, самодовербата, фер играта и прифаќањето на различноста. Постарите, пак, како мене, ќе можат да водат здрав и исполнет живот, одржувајќи ја својата физичка кондиција независно од возраста.
Верувам дека вие, учесниците на европскиот конгрес, со вашата експертиза и со искуството можете да придонесете за развивање на добри политики за физичкото образование. А, токму со такви холистички политики ќе градиме поздрави, поактивни и поинклузивни општества чии членови ќе се натпреваруваат во успесите.
Со тоа, на самиот крај, им честитам на организаторите и ви посакувам успешен конгрес.