„После долго време во Република Македонија од страна на медиумите може да видиме како известуваат за нови училишта, градинки, странски инвестиции, камен темелници. Нешто што го подзаборавивме изминатиот период“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов на денешната собраниска комисиска расправа за предлог буџетот за 2025 година.
Тој продолжи и додаде:
„Од една страна имаме желба за едно подобро утре, мотивираност за тоа да се постигне, а од друга страна од страна на колегите од опозицијата има резигнираност и немоќ во дискусиите затоа што конечно после седум години се направи разликата за тоа како и на кој начин треба да се трошат народните пари. Немоќта и гневот во говорите се чувствува со тоа што вештачки се поддржува проектот за покачување на пензиите за сите пензионери за 5,000 денари линеарно, се нема одговор зошто досега не се покачени платите за образовните работници, за наставниците, за професорите, зошто досега не се преговарало со здравствените работници, со полицајците“, рече Пренџов.
Тој укажа дека проценките за раст за 2025 година се движат од 3 до 3,7%
„Она кое е факт и е бројка е тоа што во последните седум години просечниот раст е 1,1% и е најслаб на Балканот, тоа се факти и бројки како што е и факт сега дека проекциите за 2025 година кои се движат од 3% раст до 3,7% раст“, кажа Пренџов.
Тој истакна дека со земениот кредит од 250 милиони евра од страна на фирмите ќе се има поголемо производство и извоз.
„Кога ќе земете 250 милиони евра кредит и фирмите кои ќе бидат корисници на тој кредит дале уште 250 милиони евра минимум по каматна стапка која е далеку пониска од друга компанија од регионот која би земала кредит за да го развие своето производство тогаш во старт нашите компании ќе заздрават, ќе имаат помалку пари за камати и плаќање, со тие пари ќе бидат поконкурентни на пазарот, ќе имаме поголемо производство и извоз а тоа се гледа и во проекциите на Светска банка за следна година“, вели Пренџов.