Одговорот сега е не (од ЕУ), но ние ќе продолжиме да убедуваме и паралелно многу напорно ќе работиме на правење економска благосостојба на граѓаните, функционални институции, правна држава и соодветен образовен систем, вели пратеникот Љупчо Пренџов во емисијата „Топ тема“ за барањето на новата Влада за уставни измени со одложено дејство.
Уставните измени за влез на Бугарите во македонскиот Устав, со одложено дејство откако Македонија ќе стане членка на ЕУ, е предлогот со кој македонската дипломатија веќе подолго време разговара со партнерите од ЕУ. Овој предлог на македонската Влада за уставните измени со одложено дејство беше презентиран и на претстојните средби на македонската делегација со челниците на Европската Унија во Брисел на 18 и 19 септември.
„Беше разговарано за предлогот на нашата Влада за носење на уставните измени со одложено дејство, за што, морам да бидам искрен, не дека има некоја голема надеж од страна на институциите во Брисел дека таков предлог би поминал, меѓутоа не се отфрла анблок. Има одредена доза оптимизам кој ние ќе треба да го конкретизираме. Мислам дека Владата има добра основа кога вели дека логиката во уставните измени треба да е слична со онаа што е направена кога влеговме во НАТО по промената на името. Односно дека во фазите на промената на Уставот треба да има уште еден дополнителен амандман што ќе гласи дека содржината ќе се материјализира, ќе влезе во сила, откако Бугарија ќе го ратификува договорот за приклучување на земјава кон Европската Унија“, рече завчера министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.