Македонија Заеднички вредности

Премостување на дигиталниот јаз: Подобрување на животот на жените во руралните средини

„Потребни ни се државни програми кои ќе ги поддржат нашите напори за дигитална инклузија, а дополнително потребна ни е и поддршка од невладините организации и компаниите во земјава“, порачаа жените-учеснички.

Премостување на дигиталниот јаз: Подобрување на животот на жените во руралните средини

Здружението „Заеднички вредности“ успешно го спроведе проектот „Премостување на дигиталниот јаз: подобрување на животот на жените во руралните средини“, чија цел беше да ги унапреди животните услови на жените во руралните области преку оспособување за употреба на дигитални технологии и подобрување на нивните вештини.

Проектот се спроведуваше девет месеци, а во него учествуваа жени од Арачиново, Сарај, Теарце, Врапчиште, Јегуновце, Чучер-Сандево, Желино, Брвеница, Шуто Оризари, Боговиње, Старо Нагоричане, Студеничани, Чаир, Бутел и Липково.

Во рамки на проектот беа одржани серија на обуки за дигитални вештини, се креираа онлајн едукативни видеа, и беше развиена специјализирана платформа за дигитални вештини. Покрај тоа, се спроведе и кампања за промоција на дигиталната писменост со цел да се зголеми свеста за придобивките од дигиталните вештини меѓу жените во целните региони.

Во текот на обуките жените-учеснички истакнаа дека имаат потреба од обуки со цел да научат како да ги користат дигиталните алатки.

„Дигиталната писменост е клучна за нашата самостојност и напредок, а покрај тоа дигиталните платформи можат да ни помогнат да ги продаваме нашите производи и да пристапиме до нови пазари“, наведоа тие.

Жените кои беа вклучени во проектот потенцираа дека за нив од голема важност е меѓусебното здружување со цел размена на знаења и зајакнато дејствување.

„Потребни ни се државни програми кои ќе ги поддржат нашите напори за дигитална инклузија, а дополнително потребна ни е и поддршка од невладините организации и компаниите во земјава“, порачаа жените-учеснички.

Тие наведоа дека традиционалните родови улоги и стереотипи во руралните области често ги ограничуваат за користење на технологијата и учество во дигиталната економија.

„Учесничките стекнаа основни и напредни знаења за користење на дигитални алатки и технологии, како што се компјутери, Интернет, социјални мрежи и различни апликации, а со тоа им се зголеми самодовербата за користење на дигитални технологии за лични и професионални цели. Со тоа обучените жени можат да ги користат своите нови вештини за започнување или проширување на сопствените бизниси, како и за барање работа која бара дигитални вештини“, изјави Флорент Бајрами, претседател на Здружението „Заеднички вредности“.

Најнови вести од Македонија

To top