Македонија

Преку граничните премини „Блато“ и „Џепиште“ кај Дебар минатата година минале над 650 илјади патници

Преку граничните премини „Блато“ и „Џепиште“ кај Дебар минатата година минале над 650 илјади патници

На двата гранични премина „Блато“ и „Џепиште-Требиште“ на македонско – албанската граница кај Дебар, според статистиката на македонското Министерство за внатрешни работи, за влез и излез се регистрирани вкупно 650.670 патници.

-Гледано одделено, на граничниот премин „Блато“ влез оствариле 310.981 патници, од нив странци 234.757 и 76.224 македонски државјани. Во исто време излез оствариле 339.689 патници, 281.343 странци и 58.346 македонски државјани. На граничниот премин „Џепиште-Требиште“ влез оствариле 19.352 патници, од нив странци 18.226 и македонски државјани 1.126, додека излез оствариле 19.476 патници, 18.349 странци и 1.127 македонски државјани, потврдуваат од Министерството.

Граничниот премин кај Џепиште е од локален карактер, па во летниот период работи од 8 до 20 часот, додека во зима од 8 до 18 часот и право да го користат имаат само жителите од граничниот регион, па странските државјани се сите жители од областа Голо Брдо.

Македонските државјани во Албанија преку преминот „Блато“, кој е на одалеченост од четири километри од Дебар, минуваат, главно поради користење на летните одмори на албанското крајбрежје, за посета или на домашни веселби кај свои роднини и пријатели, набавка на зеленчук и јужно овошје.

По пуштањето во употреба на автопатот „Руга е Арбрит“ (Патот на Арбр) со што оддалеченоста од преминот, до Тирана, се намали од 180 на 70 километри, фреквенцијата е значително зголемена.

Вториот премин, кој е на оддалеченост од петнаесеттина километри од Дебар, во близина на селото Џепиште, главно се користи за посета на роднини, пријатели или по повод домашни веселби, поради роднинската поврзаност со жители од македонските села Отишани и Џепиште, но и од Дебар.

Албанските државјани двата премина ги користат главно за шопинг во Дебар, каде набавуваат прехранбени артикли, облека, обувки, гориво, лекови, за добивање одредена здравствена услуга, како и за посета на туристички места. И тие поради роднинска поврзаност со дебрани, доаѓаат во посета на роднини или на домашни веселби кај нив.

To top