Во Собранието денеска ќе заседаваат комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците и економски прашања, труд и енергетска политика, како и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е Предлог на законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, во прво читање, и Разгледувањето на Извештајот на Законодавно-правната комисија по Предлогот на закон за јавното обвинителство – второ читање.
Како што информираа од Министерството за правда, Предлог-законот за Советот на јавните обвинители претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.
Детално уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот и засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието, се дел од клучните измени во Предлог-законот.
-Зајакната транспарентност на работата на Советот, преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на лични податоци, угледот на странките и други легитимни интереси. Воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантира стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет. Детално уредена постапка за разрешување на член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми, се посочува во Предлог-законот.
Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, се посочува дека одредбите на предлогот на Законот за Советот на јавните обвинители на Република е меѓусебно поврзан со одредбите и решенијата во Предлогот на Закон за Јавното обвинителство и со нив се пристапува кон надминување на предизвиците утврдени во повеќе домашни и меѓународни стратешки документи во насока на реализација на целта за Зајакнување на самостојноста на улогата и подобрување на ефикасноста и квалитетот во постапувањето на Јавното обвинителство, во согласност со стандардите на ЕУ.
Со донесување на Законот за јавното обвинителство и Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, како што се посочува, се очекува да се зајакнува самостојноста на Јавното обвинителство, зајакнување на механизмите за одговорност на лицата кои вршат функции во правосудниот систем, зајакнување на капацитетите и ефикасноста на јавното обвинителство, зајакнување на критериумите за избор на јавните обвинители. Се посочува дека обвинителите кои се предмет на дисциплинските постапки ги имаат сите гаранции за правично судење согласно одредбите од овие два закони.
Како што тогаш посочија од Министерството за правда, Предлог – законот заедно со Предлог – законот за Јавното обвинителство, добиле заедничко позитивно мислење Венецијската комисија.
На дневен ред на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика се Предлог – Финансиски план за 2026 година на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија и Предлог на одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за Финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2026 година.