Заедниците од регионите зависни од јаглен треба да го водат процесот на праведната енергетска транзиција во државата, а за да можат да го прават ова тие треба да бидат добро информирани, властите треба да имаат јасна комуникација за целите и плановите, а партнерскиот однос помеѓу сите засегнати чинители загарантиран.
Ова беа заклучоците од вчерашниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС), кој се одржа во Скопје во организација на МКЦ Битола и Еко-свест. На настанот учествуваа претставници од релевантните министерства, од локалните економско-социјални совети, општини, синдикати, работодавачи, академската заедница и граѓански организации, со цел да се унапреди дијалогот за улогата на ЛЕСС во процесот на праведната енергетска транзиција.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја потврди силната определба на Министерството да работи транспарентно, инклузивно и во партнерство со сите засегнати страни во процесот на праведната енергетска транзиција.
„Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива. Можете да ни се обратите во секој момент. Не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност — не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени.“ изјави министерката Божиновска.
Претставниците од локалната самоуправа го потврдија значењето на дијалогот. Генералниот секретар на општина Битола Борче Димитровски истакна дека темата за праведна транзиција „не е иднина, туку сегашност“, посочувајќи ја специфичната улога на Општина Битола поради РЕК Битола. Тој ја нагласи потребата од инклузивен дијалог и конкретни чекори за успешно спроведување на енергетската транзиција, но и потребата од целосна децентрализација, особено во фискалниот дел за да можат општините да земат поактивна улога во енергетската транзиција.
Претставникот на Фондацијата „Олоф Палме“, Левенд Бичаку, ја истакна важноста на ЛЕСС како механизам за дијалог помеѓу работодавачите и работниците, нагласувајќи дека политичката волја е неопходен предуслов за успех.
Елена Николовска од Еко-свест се осврна на потребата од воспоставувањето и одржувањето на ЛЕССовите во општините како форум на заедницата кој ќе земе поактивно учество во носењето на локалните и централните политики.