Македонија колумна на аљоша симјановски

Позиција, опозиција, диспозиција – вечна тема

По серијата порази на опозицијата во низа, се наметнуваат прашањето и дилемите има ли плурална Македонија воопшто опозиција. Ако се следaт и анализираат внимателно дејствата и однесувањата на политичките субјекти што се одвиваат од почетокот на независноста до денешни дни, се отвора прашалникот – дали ова што и сега се води, нарекува и претставува како опозиција е вистинска или е тоа само рефлекс од силната политичка инерција од социјалистичкиот еднопартиски монопол, кој досега беше можеби помалку видлив на пошироката транзициска перспектива. Носители и протагонисти на овие бурни и сложени состојби беа и се главно политички профили – каста создадена во петдецениското едноумие, легална партократија, напластен непотизам, со привилегии во сите сфери на живеење и дејствување.

Позиција, опозиција, диспозиција – вечна тема

Што (на)прави опозицијата!? Да се потсетиме уште еднаш на онаа извесна, брилијантна драмска секвенца. Да, токму тоа е прашањето што го поставува диктаторот во пиесата „Оставка на еден карипски министер“, или „Достага на највисокиот врв на власта“, наслов на пиесата изведена во Драмскиот театар во Скопје од Коле Чашуле, во далечната 1975 година, само година-две-три, по фамозното писмо на Јосип Броз-Тито, со кое се отвори фронт против сите видови либерализам, антисоцијализам, антидржавност, отстапување од правците на развитокот на самоуправниот социјализам. На сцената на Драмски во Скопје брилијантниот артист Крум Стојанов, во улога на големиот диктатор во некоја карипска недемократија, го прашува својот најблизок соработник министер што се случува на теренот во државата. Конкретно, што прави, што мисли опозицијата. Одговорот го бара од својот министер, тогаш брилијантна улога на младиот строен и полн со ентузијазам артист Благој Чоревски. „Опозицијата!? Па, почитуван претседателе, во државава нема опозиција“. „Што? (молк – невообичаено долга драмска пауза) Како тоа нема опозиција“. „Па така, едноставно нема!“ „Вие така милувавте!“ „Хм, нема, така?“ „Да, нема“ – одговара со доза на блага иронија карипскиот министер. „Веднаш да се создаде, разбра, наредувам веднаш да се создаде“.

Така беше тоа во пиесата на сцената на Драмскиот театар во Скопје во режија на почитуваниот и храбар драмски деец, режисерот Љубиша Георгиевски. Постановката освои неколку врвни фестивалски југословенски награди и признанија. Режисерот Љубиша Георгиевски беше храбар, бескомпромисен, естетски конкретен и отворен во својата постановка, во еден историски и политички сложен момент, пишува Аљоша Симјановски за НОВА МАКЕДОНИЈА.

Што мисли и што прави опозицијата отворено постави прашање, кое не беше само реплика. Тоа беше во време кога со едно писмо, декларација, претставка се расчистуваа работите без пардон, без право на одговор, реплика, амандман. Вака започнува текстот-колумна објавен во 2013 година, по локалните избори.
Последните збиднувања, чекорите што ги презеде и силниот и непредвидлив емотивен набој, кој се создаде по двојните избори во опозицискиот блок, имаат длабоки корени и причини. По сѐ изгледа транзицијата (револуцијата) подјаде и некои свои чеда, го вознемири движењето на отпорот, многубројните следбеници на традициите на НОБ, внуци, правнуци, кои пред некое време заедно во строј се обидоа да ја освојат власта преку улични демократски протести, парламентарни замешателства и драмолетки и со обид за бојкот. Неразумен чин на непризнавање на изборните резултати и поразот беше враќање на мандатите – лош потег за неа самата, но му наштети и на онака скромниот углед на Република Македонија кај соседските, европските и пошироките погледи.

По серијата порази на опозицијата во низа, се наметнуваат прашањето и дилемите има ли плурална Македонија воопшто опозиција. Ако се следaт и анализираат внимателно дејствата и однесувањата на политичките субјекти што се одвиваат од почетокот на независноста до денешни дни, се отвора прашалникот – дали ова што и сега се води, нарекува и претставува како опозиција е вистинска или е тоа само рефлекс од силната политичка инерција од социјалистичкиот еднопартиски монопол, кој досега беше можеби помалку видлив на пошироката транзициска перспектива. Носители и протагонисти на овие бурни и сложени состојби беа и се главно политички профили – каста создадена во петдецениското едноумие, легална партократија, напластен непотизам, со привилегии во сите сфери на живеење и дејствување.

Ако по првата победа на ВМРО во 1990 година победи идејата за промени што беше волја на најголем дел на Македонците, во суштина ништо не промени вчас во односот на силите во демократскиот плурален натпревар и амбиент. Сите позиции во власта останаа цврсто во рацете на политичката елита создадена во петдецениски еднопартизам и напластен непотизам во сите сфери на живеење, размислување, развој, за освојување на власта. Најпрвин, младиот, бунтовен, харизматичен, но неопитен Љупчо Георгиевски беше назначен за потпретседател на претседателот на Република Македонија. Па, потоа опозицијата доброволно и без тормозење и притисоци се евакуира од Собранието. Својот отпор и опозициско дејствување реши да ги артикулира и води вонинституционално, надвор од законодавниот дом.

Следуваат транзицијата и погрешната приватизацијата како нејзин најсуров дел, која трајно ќе ги наруши (изеде) судбините на илјадници транзициски отпуштени работници со долгорочни економски, социјални и демографски последици што тангираат цели генерации и затоа природно сме упатени да ги анализираме, преоценуваме, споредуваме со актуелните случувања, улогата на носителите на тие и овие понови политики, кои оставија длабоки лузни, ги пренасочија историските тековите и нѐ втурнаа во сурови премрежиња, неизвесност, исчекувања. Во услови на транзициски галиматијас многу од протагонистите ја сфатија политиката како легализирано средство за хистеричен грабеж на материјални добра од транзицискиот колач, што подоцна со силата на матно дефинирана и неразјаснета теоретско-политичка аргументација и релативизација ги приопштува како трајно сопствено добро. Така е конституирана т.н. првобитна транзициска елита што општествените богатства ги трансформира во сопствени велелепни имоти и банковни конта најчесто надвор од земјата, подалеку од очите на јавноста и од сѐ поголемото незадоволство на армијата економско деградирано мнозинство.

Она што ѝ се случува, доживува и (на)прави на опозицијата на овие претседателски и локални избори, е тоа не е веќе театарски чин или сцена. Тоа е драмска експозиција, заплет, перипетии на куб и расплет со реални последици, политички и историски импликации. Неспокој за едно од лицата во демократскиот натпревар и за дузина преоблечени демократи, лицемери, жртви на сопствените контрадикции, кои најпрво убаво поживеаја во епохата на демократскиот социјализам, а сега одработуваат и бараат засолниште во резидуи на политиката на која ѝ должат безмалку сѐ – кариера, пари, привилегии, удобен и возбудлив живот. Сега сето тоа полека го снемува или се дели на две (три).
Што се однесува до заостанувањето и повлекувањето и на оваа опозиција во политичкиот живот, ништо чудно, ништо ново и веќе видено и во развиените демократии. Нова форма на опозиција треба да се создаде. На испразнетото место се отвора и наѕира простор и понекоја нова форма на артикулацијa на незадоволство од политичкото владеење, која со време ќе се окрупни и својата политичка зрелост и вредност ќе ги провери на некои од наредните избори и регуларни демократски процедури.

 

Аљоша Симјановски за НОВА МАКЕДОНИЈА

Најнови вести од Македонија

To top