Македонија Конференција на ДЗС

Потребно е кадровски да се доекипираат преполовените ППЕ низ земјава и технички да се опремат

Моменталните услови во Скопје го отежнуваат пристапот на Противпожарните единици до објектите на пожарот, рече Димовски, затоа, вели, потребно е да се преработат плановите во сите урбани средини.

Потребно е кадровски да се доекипираат преполовените ППЕ низ земјава и технички да се опремат

Годинешните шумски пожари на отворен простор го вклучиле алармот кај Владата за формирање на посебно работно тело кое треба да изготви анализа и да предложи стратегии за воспоставување на функционален систем за кризни ситуации, но потребна е измена на најмалку 15 закони. Ова го изјави денеска вицепремиерот задолжен за политички систем Љупчо Димовски, на конференцијата посветена на предизвиците со кои се соочува Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), каде присутен беше и директорот на ДЗС, Џеват Селами.

Според Димовски, земјава уште во овој период мора да се подготвува за следната сезона и да не дозволи масовно опожарување како што беше оваа година, но, како што рече, за тоа е потребно кадровски да се доекипираат преполовените Противпожарни единици низ Македонија, како и технички да се опремат со возила и потребна опрема.

– Ние мораме уште во овој период да се подготвуваме за следната сезона во кое што по секоја цена ќе треба да исклучиме појава на масовно опожарување какво што беше во оваа година. Прво мораме да ги кадровски доекипираме и онака преполовените единици на противпожарните друштва низ Македонија. Второ, мораме технички да ги опремиме и со возила и со опрема. Трето, мораме да повнимаваме особено на јавното претпријатие кое што се занимава со одржување на македонските шуми да ги исполнуваат со закон задолжителните активности околу подготовката за превенција во случаи на опожарување на некој шумски етат … ќе следи и комплетно опремување на Јавното претпријатие затоа што е незамисливо во денешни услови да недостасуваат елементарни алати и прибор којшто ќе биде употребен при гасењето на пожари, рече Димовски.

Моменталните услови во Скопје го отежнуваат пристапот на Противпожарните единици до објектите на пожарот, рече Димовски, затоа, вели, потребно е да се преработат плановите во сите урбани средини.

– Со условите во Скопје станува мошне тежок начин на справување затоа што ќе треба наново да се преработат плановите во сите урбани средини за да може возилата на ППЕ да имаат слободен пристап до објектите каде што се појавил пожарот. Понатаму, треба да имаме во предвид да последиците од временските промени – климатските промени и влијанието врз државата односно високи водотеци, поплави итн. тоа е дел од системот за заштита и спасување, понатаму земјотреси, епидемии, високи снегови, лавини итн., многу широка материја која ќе бара многу енергија, многу време. Но, сето тоа го имаме, имаме доволни капацитети, имаме добра соработка со сите институции, нивна подготвеност и сметам дека за едно реално прифатливо време ќе можеме да одговориме на задачата од Владата и пред неа да излеземе со конкретни информации, рече Димовски.

На настанот свое обраќање имаше и директорот на ДЗС Џеват Селами, кој рече дека очекува оваа недела на седница на Влада да се реши проблемот со пилотите при авио-одделението на ДЗС.

– По однос на пилотите и авионите сакам да кажам дека од моментот кога сум назначен како директор на Дирекцијата за заштита и спасување преземав сериозни мерки за да се реши овој наследен проблем што го имаме во институцијата. Веќе пред една недела помина нашата информација со која бараме од Владата да се реши статусот на пилотите бидејќи и ова е голем проблем што другите пилоти немаат мотивација и интерес да се пријават на нашите конкурси бидејќи нормално тие плати се многу мали. Но, тоа веќе помина на генерален колегиум и очекувам оваа недела на седница на Влада да се реши и овој проблем. Исто така, едниот авион е веќе на сервисирање, но мораме да го екипираме авио-одделението и верувам и убеден сум дека ќе бидеме подготвени со нашите најскапи ресурси и во летото, рече Селами. (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top