Македонија

Потпишан меморандум за соработка за „Иноваториум-клуб на напредни знаења и вештини“ за млади

На почетокот со активностите планирано е да бидат опфатени учениците од основните училишта од општината Кисела Вода, а во иднина во работата на „Иноваториумот“ ќе се вклучат и учениците од соседните општини.

Потпишан меморандум за соработка за „Иноваториум-клуб на напредни знаења и вештини“ за млади

ТИТАН Цементарница УСЈЕ и Технолошко–Металуршкиот факултет при УКИМ Скопје денеска потпишаа Меморандум за соработка за формирање на „Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“ наменет за учениците од основите училишта кои сакаат да стекнат нови вештини и знаења од областа на СТЕМ науките (математика, технологија, инженерство и техника).

Меморандумот го дефинира начинот на соработка меѓу двата субјекта во едукативниот процес на младите преку адаптирани содржини чија цел е да го зголемат нивниот интерес за техничките области.

Меморандумот го потпишаа главниот извршен директор на ТИТАН Цементарница УСЈЕ Константинос Николау и деканот на Технолошко–Металуршкиот факултет, Стефан Кувенџиев.

„Во ера на дигитализација и вештачка интелигенција, од голема важност е соодветна едукација од областа на СТЕМ науките. Иако учениците добиваат соодветна едукација и во училиште, ние заедно со нашите партнери сакавме да создадеме едукативна платформа која ќе овозможува унапредување на овие знаења, преку забава игра и интеракција.
Се надеваме дека на тој начин ќе поттикнеме поголем интерес кај младите, но и дека ќе придонесеме за поголем економски развој заснован на знаења и вештини. УСЈЕ како дел од Титан групацијата има искуство во вакви активности и сакаме истите да ги споделиме и со заедницата. Верувам дека ова ќе биде уште една успешна приказна“, истакна
Николау.

За едукативните потреби на клубот „Иноваториум“ ќе бидат ангажирани предавачи од Технолошко-Металуршкиот факултет, кои преку интерактивни содржини ќе ги анимираат младите и нивниот интерес за нови знаења од техничките области.

„Мораме да работиме на создавање на едукативни содржини кои уште од рана возраст ќе можат да ги насочуваат младите кон одредени области. Ние сме отворени за соработка на вакви иновативни проекти кои всушност ги пресретнуваат потребите на новото време и овозможуваат создавање нови генерации кои во блиска иднина ќе можат да ги понесат новите процеси во реалниот сектор и во општеството. Техничките науки стануваат се поатрактивни и добиваат силна секојдневна примена и се надевам дека ќе го зголемиме интересот кај младите кои во иднина ќе продолжат да се едуцираат во овие области“, истакна Кувенџиев.

„Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“ ќе биде лоциран во кругот на ТИТАН Цементарница УСЈЕ. На почетокот со активностите планирано е да бидат опфатени учениците од основните училишта од општината Кисела Вода, а во иднина во работата на „Иноваториумот“ ќе се вклучат и учениците од соседните општини.

Покрај тоа, дел од капацитетите на „Иноваториумот“ и научните помагала ќе бидат ставени на располагање на сите наставници по математика, физика и хемија од општинските училишта, со што ќе можат да го користат и во текот на редовната настава.

To top