„Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признаен… Кој ги инспирира настојувањата да се избрише македонското сознание, македонското име – да не го признаваат правото на македонскиот народ да биде господар и чувар на својата родна земја?…“
Антон Попов, „Дневник“, Млада Македонија, 1938
Долго време и самиот живеев со едно уверување што, како што се покажува, го делат многу Македонци. Секогаш мислев дека песната „Послушајте, патриоти“ е напишана како повик против османлиското владеење и дека нејзиниот автор, охриѓанецот Александар Караѓуле, ја платил со живот токму од рацете на турската власт, пишува Тони Менкиноски за НОВА МАКЕДОНИЈА. Така нè учеле, така сме ја разбирале песната и така таа со години се прераскажувала во нашата колективна меморија. Но не е точно! Ова е една многу голема заблуда за нас Македонците!!!
Кога историјата ќе се погледне подлабоко, знае да ја наруши удобноста на таквите лажни уверувања. Вистината е сосема поинаква!!!
Фактите покажуваат дека песната „Послушајте, патриоти“ била напишана во 1895 година во Софискиот затвор, во време кога Бугарија веќе била независна држава и кога на нејзиниот престол владеел кнезот Фердинанд I од германската династија Саксен-Кобург-Гота. Караѓуле ја напишал песната во затворска ќелија за време на првиот судски процес против нас Македонците. Тоа било повик за достоинство и национална свест, а неговата судбина завршила трагично – со бесење на плоштад во Софија. Зошто? Затоа што Караѓуле не сакал да биде Бугарин, сакал да биде она што е, Македонец!
Овој факт не е само историски детаљ. Тој е силен потсетник дека историјата на Балканот не се пишувала само на бојните полиња и дипломатските конгреси. Таа често се пишувала и во судниците. Во тие судници не се судело само за дела туку и за идеи, за култура и за право на идентитет. Понекогаш таму се изрекувале пресуди што имале подолг историски одек од многу политички одлуки.
Токму затоа, кога се разгледува односот кон македонското прашање, мора да се погледне и во тие судници. Во одредени историски периоди тие не биле само институции на правдата туку и продолжена рака на државната политика. Преку нив пропагандата, националните програми и геополитичките стратегии се претворале во конкретни обвиненија и пресуди против луѓе што се осмелиле да ја бранат македонската културна и национална посебност.
Во текот на XIX и XX век создавањето и консолидирањето на бугарската држава се одвивало во сложен геополитички контекст. Бугарското Кнежевство, а подоцна и Бугарското Царство, се оформувале под силно влијание на европските сили и на интересите на големите империјални центри. Во самата срцевина на таа политичка конструкција се наоѓала германската династија Саксен-Кобург-Гота, која преку бугарскиот престол станала активен фактор во балканската политика и во пошироките стратегии на европската дипломатија.
Со доаѓањето на таа династија на бугарскиот престол, бугарската државна политика сè појасно се вклопува во пошироките империјални пресметки на Европа. Македонија, како простор со огромно геополитичко значење, станува една од главните цели на тие политики. Во такви околности, националните програми постепено се претворале во политички стратегии, политичките стратегии во пропаганда, а пропагандата – во конкретни државни политики.
И токму таму, на таа линија меѓу пропагандата и политиката, започнуваат судските процеси против Македонците.
Во последните сто и триесет години повеќе случаи го потврдуваат тоа. Но три примери особено јасно ја покажуваат таа историска линија – од политичка идеологија до судска пресметка со македонското име и народ. Меѓу нив особено се издвојуваат три примери што оставиле длабока трага во историската меморија: случајот на Александар Караѓуле од Охрид, процесите поврзани со Македонскиот литературен кружок и трагичната судбина на Никола Вапцаров, Антон Попов и на Коле Неделковски, но и современите судски спорови околу организацијата ОМО „Илинден“.
Првиот од нив започнува токму со трагичната судбина на Александар Караѓуле од Охрид.
АЛЕКСАНДАР КАРАЃУЛЕ – КОГА НА МАКЕДОНСКОТО ИМЕ МУ СЕ СУДЕШЕ ПРЕД ПОВЕЌЕ ОД 130 ГОДИНИ
За да се разбере процесот против Александар Караѓуле, најнапред мора да се знае кој бил тој и зошто воопшто станал цел на бугарската власт од крајот на XIX век. За овие настани постојат и два директни извори од самото време: брошурата „Едно сведоштво за Ст. Стамболов“ (Софија, 1897) на неговата сопруга Клио Караѓулева и политичкиот памфлет „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“ (1894) од Петар Поп Арсов, напишан по барање на Централниот комитет на Македонската револуционерна организација. Токму преку овие извори може да се реконструира политичката атмосфера во која се одвивал случајот.
Александар Караѓуле бил охриѓанец, трговец и јавен човек, кој во Софија се вклучил и во политичкиот живот преку печатот. Во 1885 година станал одговорен редактор на весникот „Македонски глас“, еден од првите печатени органи што го отворале македонското прашање во бугарската престолнина. Во неговите текстови се критикувал режимот на бугарскиот премиер Стефан Стамболов, кој управувал со државата во име на кнез Фердинанд I од германската династија Саксен-Кобург-Гота. Караѓуле пишувал за полицискиот терор, за злоупотребите на власта и за прогоните на политичките противници, но и за положбата на луѓето од Македонија и обидите тие да бидат вовлечени во туѓи национални проекти преку пропагандата и црковно-просветната политика.
Таквите јавни настапи постепено го довеле во директен судир со власта. Во атмосфера на силна политичка репресија, критиката во печатот лесно се претворала во обвинение.
Во јануари 1891 година Караѓуле бил уапсен во рамките на истрагата по заговорот против Стамболов и по атентатот во кој бил убиен министерот за финансии Христо Белчев. Според сведоштвото на неговата сопруга Клио Караѓулева во брошурата „Едно сведоштво за Ст. Стамболов“ (Софија, 1897), полицијата го одвела во III полициска станица во Софија, каде што бил задржан до полноќ. Во истиот документ се спомнува дека бил пуштен од притвор само по интервенција на Коста Размов, опишан како „Македонец од Охрид“. Потоа пак бил затворен! И следувал долг судски процес, каде што биле обвинети повеќе Македонци, а случајот е документиран во тогашните судски материјали и во стенограмите од процесот.
Пресудата била најтешката можна. Смртна казна со бесење!
На 15/27 јули 1892 година смртната казна била извршена во дворот на Црната џамија во Софија, каде што Александар Караѓуле бил погубен. Така политичкиот судир меѓу еден публицист и власта завршил со бесилка.
Но репресијата не застанала само на него. Неговата сопруга Клио Караѓулева, Русинка од Одеса, исто така била уапсена и во својата книга подоцна сведочела за насилствата што ги преживеала од страна на луѓе блиски до власта. Истата политичка атмосфера однела и други жртви – меѓу нив и Паница, припадник на круговите на македонските дејци и предок на подоцна познатиот револуционер Тодор Паница.
Така случајот со Караѓуле останува една од најраните епизоди во кои судницата се користи како инструмент за политичка пресметка со идеи и идентитети.
Затоа песната „Послушајте, патриоти“ не треба да се чита само како поетски текст од едно минато време. Таа е напишана во затворска ќелија, во момент кога Александар Караѓуле веќе знаел дека неговата борба со режимот има цена. Песната била напишана како повик до неговите современици – до Македонците да не молчат пред неправдата и да не се откажуваат од своето достоинство и име.
Нејзината порака не е повик на омраза, туку повик на будност, совест и историска свест. Караѓуле сакал неговите зборови да останат како сведоштво дека дури и кога човек може да ја изгуби слободата или животот, не смее да ја изгуби вистината за тоа кој е и на кој народ му припаѓа.
Затоа и повеќе од еден век подоцна, стиховите на „Послушајте, патриоти“ звучат како порака што ја надминува сопствената епоха. Тие се потсетник дека историјата на еден народ не се пишува само со победи туку и со жртви – и дека понекогаш токму зборовите напишани во најтешките моменти стануваат најсилниот глас на слободата. Зашто кога судот почнува да суди за тоа кој има право да се нарече Македонец – правдата престанува да биде правда.
МАКЕДОНСКИОТ ЛИТЕРАТУРЕН КРУЖОК – ПОЕТИ ПРЕД СУДОТ НА ЦАР БОРИС III
Но приказната не завршува со Караѓуле. Неговото судење и погубување од крајот на XIX век се само првиот јасно документиран случај во кој бугарската државна власт ја користи судницата како инструмент за пресметка со луѓе поврзани со македонското прашање. Поминуваат неколку децении, се менуваат политичките режими, се менуваат генерации, но логиката на државната политика кон македонската културна и национална мисла останува речиси иста.
Во третата деценија на XX век центарот на таа нова интелектуална и културна активност повторно е Софија. Токму таму се формира Македонскиот литературен кружок – група млади интелектуалци, писатели и поети што се обидуваат да создадат простор за македонската културна мисла и литература.
Меѓу најзначајните личности на тој кружок се Никола Јонков Вапцаров, Коле Неделковски, Антон Попов.
Овие млади автори верувале дека македонската култура и литература имаат право на сопствен глас. Во нивните текстови, песни и разговори се отворале прашања за јазикот, културниот идентитет и положбата на Македонците во тогашниот балкански политички контекст. Токму затоа Македонскиот литературен кружок не бил само книжевна група – тој бил и интелектуален простор во кој се оформувала нова генерација македонска културна мисла.
Но повторно, како и во случајот со Караѓуле, таа културна активност постепено почнува да се гледа како политичка закана.
Во тоа време Бугарија веќе не е кнежевство, туку царство, а на престолот се наоѓа цар Борис III, син на Фердинанд од династијата Саксен-Кобург-Гота. Неговиот режим се одвива во период на силни политички тензии во Европа и во услови на воена диктатура и репресија кон политичките противници.
Во такви услови, секоја интелектуална или политичка активност што не се вклопува во официјалната државна линија лесно може да стане предмет на полициско следење и судски процес.
Така се случува и со Никола Вапцаров, Антон Попов, Коле Неделковски и многу други.
Во 1942 година бугарскиот воен суд води процес против група обвинети за антидржавна дејност. Меѓу обвинетите се наоѓаат Вапцаров и Попов – поети, членови на Македонскиот литературен кружок. Судскиот процес се одвива во атмосфера на воена репресија и политички притисок, а пресудата е брза и сурова. Смртна казана со стрелање!!!
На 23 јули 1942 година Никола Јонков Вапцаров е стрелан во Софија, заедно со Антон Попов. Со нивната смрт не исчезнува само еден поетски кружок наречен Македонски. Замолчува и една генерација на интелектуалци што се обидувала да отвори простор за нова културна и политичка мисла. Слична трагична судбина има и Коле Неделковски, уште една фигура од истиот интелектуален круг.
Ако се погледне историската линија – од Караѓуле во 1892 година, преку Вапцаров, Неделковски, Попов и другите во 1940-тите, станува јасно дека се работи за два временски оддалечени периода, но со зачудувачки слична логика.
Во двата случаи судницата и државната сила се користат против луѓе што на различни начини се поврзани со македонското прашање – било преку политички текстови, било преку култура и литература.
Ако на крајот на XIX век Александар Караѓуле ја пишува „Послушајте, патриоти“ во затворската ќелија пред да се соочи со бесилката, половина век подоцна Никола Јонков Вапцаров ја пишува својата „Проштално“ во Софискиот затвор непосредно пред стрелачкиот вод. А меѓу нив стои трагичната и мистериозна судбина на Коле Неделковски, поет од истата генерација, чиј живот завршува во Софија под неразјаснети околности во 1941 година.
Караѓуле го обесија, Вапцарови и Попов ги стрелаа, Неделковски го оттурнаа во смрт – но македонскиот збор ја преживеа секоја пресуда.
И токму затоа следното поглавје од оваа приказна не се случува во XIX ниту во првата половина на XX век.
Тоа се случува во современа Европа – со случајот на ОМО „Илинден“.
ОМО „ИЛИНДЕН“ – ТРЕТАТА СУДСКА ЕПОХА
Но приказната за судењата на македонското име не завршува ниту со Вапцаров, ниту со генерацијата на Македонскиот литературен кружок.
Овој однос кон македонското прашање не исчезнува ниту со падот на монархијата во Бугарија. И во периодот на социјализмот, иако политичкиот систем формално се менува, основната линија на државната политика кон македонскиот идентитет во Бугарија останува непроменета. Она што започнува во времето на династијата Саксен-Кобург-Гота како дел од пошироките империјални стратегии на Балканот, продолжува да живее како политичка традиција и во новиот систем. Безбројни судски процеси за жал во Народна Република Бугарија против Македонците.
Помина уште половина век. Европа влезе во нова политичка ера, Студената војна заврши, а континентот започна да зборува за човекови права, демократија и европски вредности. Но дури и во такви услови, македонското прашање во Бугарија повторно се најде пред судниците.
Овој пат станува збор за политичка организација – ОМО „Илинден“, која се појавува во пиринскиот дел на Македонија на почетокот на 1990-тите години.
Организацијата настапува со јасна политичка програма: признавање на македонското малцинство во Бугарија, право на културна автономија и слобода на политичко организирање. Но токму тие барања брзо стануваат предмет на државни реакции.
Во 1990 година започнува обидот за регистрација на организацијата ОМО „Илинден–Пирин“ како политичка партија. Наместо политичка дебата, следуваат административни забрани и судски процеси. Бугарските власти повеќепати ја одбиваат регистрацијата на организацијата, а нејзините јавни активности често се ограничувани.
Така, прашањето повторно се преселува во судниците.
Во текот на следните години организацијата води долга правна борба – не само пред бугарските судови туку и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Во повеќе пресуди овој суд утврдува дека Бугарија ги прекршила правата на здружување и политичко организирање на членовите на ОМО „Илинден“.
Овие пресуди се важен историски момент, бидејќи за првпат едно европско правосудно тело официјално утврдува дека ограничувањето на активностите на македонската организација претставува повреда на основните демократски права.
Но парадоксот е очигледен.
Токму во тој период, во бугарската политика се враќа уште една фигура поврзана со истата династија што се појавува и на почетокот на оваа приказна. Во 2001 година за премиер на Бугарија станува Симеон Сакскобурготски, последниот бугарски цар и потомок на германската династија Саксен-Кобург-Гота. Во тие години организацијата ОМО „Илинден–Пирин“ се соочува со нови правни блокади, а обидите за нејзина регистрација повторно се одбиваат од бугарските судови. Само во периодот на владата на Сакскобурготски, организацијата се соочува со најмалку три судски забрани, што покажува дека историската линија на институционален отпор кон македонското политичко организирање продолжува и во современата епоха.
Така историскиот круг добива необична симетрија.
На крајот на XIX век, за време на владеењето на Фердинанд од истата династија, започнува судската пресметка со луѓе како Александар Караѓуле. Половина век подоцна, во времето на Борис III, следуваат процесите што ја однесуваат генерацијата на Вапцаров. А на почетокот на XXI век, во демократска Европа, повторно се водат судски спорови околу правото на политичко организирање на Македонците во Бугарија.
Три различни епохи. Три различни историски системи.
Но една иста линија на спор околу македонското име.
Затоа случајот со ОМО „Илинден“ не е само современ политички спор. Тој е продолжение на една подолга историска приказна – приказна во која македонското прашање постојано се враќа во судниците.
И токму тука повторно се враќа пораката од песната напишана пред повеќе од еден век.
ПОСЛУШАЈТЕ, ПАТРИОТИ
Ова не е само поетски повик од минатото. Ова е историска опомена. Премногу долго Македонците зборувале, објаснувале и се оправдувале пред туѓите судови и туѓите политики. Премногу долго нашето прашање се решавало без нас.
Но денес времињата се поинакви.
Македонците денес имаат своја држава, свои институции и свое место во современиот свет. Тоа значи дека македонското прашање повеќе не може да биде само тема на декларации, говори и симболични реакции. Историјата нè учи дека народите што остануваат само на зборови често повторно се наоѓаат пред судниците на туѓите политики.
Затоа денешната порака од стихот „Послушајте, патриоти“ не е само повик да се слуша туку и повик да се дејствува.Да се користат институциите на сопствената држава.
Да се бранат правата на Македонците секаде каде што тие живеат.
Да се поставува македонското прашање јасно, достоинствено и без страв. Зашто историјата веќе покажа една работа. Караѓуле го обесија. Вапцаров го стрелаа.
Неделковски го оттурнаа во смрт. Но нивниот збор преживеа.
И токму затоа денес не е доволно само да се сеќаваме на нивната жртва.
Време е македонскиот збор да стане македонско дејство.
Тони Менкиноски