Македонија

После Водици во Собранието седници за подготoвка и избор на преодната влада

После Водици во Собранието седници за подготoвка и избор на преодната влада

Од 22 до 28 јануари ќе се одвиваат формалните подготовки за техничката Влада во Собранието, соопшти Кабинетот на претседателот на Парламентот по првата средба со координаторите на пратеничките групи.

-Во периодот од 22 до 28 јануари на пленарна седници ќе се реализираат следниве процедури: констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрнаие, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5. За сите активности и прецизни рокови ќе информираме навремено, посочуваат од Собранието.

Од Кабинетот на Џафери информираат дека седница за пратенички прашања нема да има до крајот на овој мандат на Собранието.

-Првата седница за пратенички прашања ќе се одржи по сто дена мандат на влада избрана на парламентарните избори, се наведува во информацијата од координативната средба.

На денешната координативна средба не присуствувале претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на албанската опозиција, која најави бојкот на Собранието поради тоа што не е прифатен нивен кандидат за член на Државната изборна комисија.

Засега исто така нема информација кога ќе бидат поднесени измените на Изборниот законик во Собранието.

Во Собранието денеска има и седница на Комисијата за локална самоуправа на која на дневен ред е Презентација на извештаите од оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа и Законот за Градот Скопје.

Утре (10 јануари) во посета на Собранието е Абдулах бин Мухамед АлШеикх, претседател на Собранието на Кралството Саудиска Арабија, Меџлиси ал Шура, кој ќе има средба со Џафери. Закажани се и седници на комисиите за култура и за европски прашања.

За четврток (11 јануари) засега е закажана само седница на Комисијата за здравство.

Првата нова пленарна седница во 2024 година е закажана за 16 јануари. На дневен ред се повеќе точки со пристигнати нови материјали.

Најнови вести од Македонија

To top