Македонија ЦУК

Поради поплави се евакуираат жителите од улицата „Прилепска“ во Кичево, одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче

Врнежите продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.

Поради поплави се евакуираат жителите од улицата „Прилепска“ во Кичево, одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче

По обилните дождови во делови од земјата се пријавени поплави и одрони на патиштата. Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поплави се пријавени во Кичево, каде се евакуираат жители од повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“ и во Охрид, додека одрони има на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања и на патниот правец с. Татеши – с. Мислодежда – струшко.

Како што информираше Центарот за управување со кризи, во Кичево се евидентирани поплави на повеќе стамбени објекти на ул. „Прилепска“. Во тек е евакуација на жители, а на терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.

Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.

Во Струга по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец с. Татеши – с. Мислодежда. За состојбата е известено ЈП „Македонија пат“ и се преземаат активности за санација.

Во Тетово и Гостивар регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.

По пријави преку 112, евидентирани се излевања на реката Вардар во с. Балин Дол, Лукавичка Река во с. Мало Турчане и Сушичка Река во с. Горно Бањице. Поплавено е земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени Општина Гостивар, ДЗС, ЈКП „Комуналец“, ПС Гостивар, како и ХЕЦ Маврово, каде е преземено намалување на производството на електрична енергија.

Во Општина Боговиње поради излевање на вода надвор од постоечки канали, поплавено е обработливо земјиште. Директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и координира активности со надлежните институции.

Кај селото Сирхан, битолско, е саниран одрон, додека во с. Дрмени поплавени се два двора, за што се известени Општина Ресен и ДЗС Ресен.

Врнежите продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.

Според информациите од регионалните центри за управување со кризи, состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.

Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема излевање на реки, ниту евидентирани последици од врнежите. Надлежните општински служби ја следат состојбата.

Во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип исто така не се пријавени поплави или одрони, состојбата е стабилна и под контрола.

Поврзани теми

To top