Македонија Собрание

По интерпелацијата на Илире Даути: Партиите со свои ставови дали треба да остане на таа функција

Од коалицијата „Влен“, во која се обединети албанските партии кои се дел од власта, велат дека имаат забелешки на работата на Даути, но дека нема да поддржат иницијативи на Левица. 

По интерпелацијата на Илире Даути: Партиите со свои ставови дали треба да остане на таа функција

Неизвесно е дали Илире Даути ќе остане или ќе биде сменета од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади откако во петокот помина нејзината интерпелација поднесена од Левица. Политичките партии вчера излегоа со свои ставови околу ова прашање откако во петокот по изгласаната интерпелација, од Кабинетот на претседателот на Собранието излегоа со став дека изгласаната интерпелација нема правно-обврзувачки карактер.

Од опозициската СДСМ побараа од претседателот на Собранието Африм Гаши да ги каже следните чекори што ќе ги преземе, а од Движењето ЗНАМ, кое е дел од владината коалиција, побараа од Европскиот фронт да предложи нов претседател на Комисијата бидејќи претседателското место во оваа Комисија му припаѓа на Европскиот фронт. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која исто така гласаше за интерпелацијата на Даути, вчера рекоа дека нивниот став го кажале во петокот со чинот на гласањето.

Според СДСМ, не може интерпелацијата да нема правни проследици.

-Сега откако е изгласана интерпелација, односно недоверба, исто така одговорност на претседателот на Собранието е да соопшти што ќе преземе и кои се неговите следни чекори, посочија од СДСМ.

И за Движењето ЗНАМ е нелогично Даути и понатаму да ја извршува функцијата претседател на Комисијата кога е изгласана интерпелацијата.

-За нас, колешката Даути повеќе не може да биде претседател на оваа Комисија и Европскиот фронт кој по внатрешната прераспределба и по координацијата што ја имаме направено го има добиено тоа место, треба да предложи нов кандидат за оваа функција. Ако вие го имате највисокиот демократски институт со кој можете да извршите контрола на некој што извршува јавна функција, а тоа е интерпелацијата, сосема е нелогично откако ќе изгласате интерпелација, односно ќе утврдите кај некого одговорност, дека не ги почитувал Уставот и законите или собранискиот Деловник и дека не постапувал совесно во вршењето на работата, потоа тој да може да остане на таа функција. Практично, ако со гласањето нема понатамошни обврзувачки правни последици, тогаш џабе сте утврдиле прекршок ако за тој прекршок нема санкција, изјави Бобан Карапејовски од ЗНАМ.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивниот став по ова прашање се огледува во начинот на којшто гласале во петокот.

– Јасно е изразен нашиот став со позитивното гласање за интерпелација – 61 глас со кој што се бара одговорност за работата е доволно јасно искажан став, изјави вчера пратеникот Миле Лефков.

Од коалицијата „Влен“, во која се обединети албанските партии кои се дел од власта, велат дека имаат забелешки на работата на Даути, но дека нема да поддржат иницијативи на Левица.

– Потврдувам дека Илире Даути беше претседател на Комисија и ќе остане претседател на Комисија. Можеби имаме многу забелешки за Даути, но кога има иницијатива од Левица ние сме против и затоа ќе ја поддржиме, изјави вчера вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Преку писмено соопштение вчера се обрати и самата Даути која истакна дека соочена со изборот меѓу губењето на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, не се сомнева дека ќе ја прифати слободата на дејствување како пратеничка.

– Изгласаната интерпелација во Собрание, така како што е изгласан заклучокот, значи мое разрешување или мое дејствување под диктат на Левица и ВМРО. Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како Заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила до сега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме, вели Даути.

Доколку Даути поднесе оставка, тогаш на нејзино место треба да биде избран нов претседател што треба да биде предложен од страна на Европскиот фронт, бидејќи ова место му припаѓа токму нему. Според дел од медиумите, најверојатно денес или утре ќе се состане коалицијата Европски фронт за да се донесе одлука кој ќе биде предложен за претседател на собраниската Комисија за социјална политика.

Интерпелацијата за Даути беше поднесена во ноември 2024 година од страна на Левица за несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување со неставањето на Предлог-законот за бранители на разгледување. Интерпелацијата беше изгласана во петокот на пенарна седница. Пратениците од СДСМ не присуствуваа на седницата на која на дневен ред имаше уште четири интерпелации за владини функционери, а против гласа пратениците од коалицијата „Влен“. (МИА)

 

Најнови вести од Македонија

To top