Македонија МВР

Петрушевски: Не постои успех во сузбивањето на организираниот криминал ако од криминалците не се одземе неосновано стекнатиот имот

Учество на државниот секретар во МВР Петрушевски на настан „Ефикасност на институционалниот одговор во Република Македонија на препораките на ЕУ за конфискација и управување со имот стекнат од криминал“

Петрушевски: Не постои успех во сузбивањето на организираниот криминал ако од криминалците не се одземе неосновано стекнатиот имот

Денеска државниот секретар во МВР Сашо Петрушевски учествува во работата на 17-тата сесија на Работната група 4, Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „Ефикасност на институционалниот одговор во Република Македонија на препораките на ЕУ за конфискација и управување со имот стекнат од криминал“ во организација на Националната конвенција на Европската унија во Република Македонија (НКЕУ-МК).

Државниот секретар Петрушевски, кој е ко-претседавач на работната група се осврна на податоците на Европол за криминалните приходи од главните криминални пазари во Европската унија кои достигнуваат 139 милијарди евра, што соодветствува на 1% од бруто дoмашниот приход на ЕУ. Петрушевски истакна дека процентот на криминалните приходи кои институциите за спроведување на законот во ЕУ успеале да го одземат од рацете на криминалците останува под 2% од годишно проценетиот приход од организираниот криминал. Во продолжение на настанот, Петрушевски ја промовираше новата Стратегија за финансиска истраги и конфискација на имот за периодот 2024-2028 со акционен план, која минатиот месец беше усвоена од Владата на Македонија. Новата стратегија се базира на длабока анализа и усогласување на националното законодавство со релевантните меѓународни стандарди и реални потреби на институциите вклучени во финансиска истрага и конфискација на имот. Во подготовката на оваа Стратегија се ангажирани повеќе од 10 национални институции што гарантира дека сите активности се правилно испланирани и осмислени. Државниот секретар Петрушевски обраќањето го заврши со констатацијата дека „со успешно спроведената конфискација на нелегално стекнатиот имот ќе покажеме колку една држава вистински е посветена во борбата против организираниот криминал и корупција.

– Не постои успех во сузбивањето на организираниот криминал ако од криминалците не се одземе неосновано стекнатиот имот и доколку државата со еден мултиинституционален пристап не им докаже на криминалците дека криминалот не е исплатлив, без оглед на богатството кој го создава, дециден беше Петрушевски.

Настанот заврши со експертска анализа, дискусија и презентација на нацрт препораките на стручната јавност кои треба да послужат не само за исполнување на одредени надворешни критериуми, туку и за изградба на посилно, инклузивно и демократско општество.

Најнови вести од Македонија

To top