ДЗР во ревизија на работењето на АД ЕСМ за период од 2019 до 2022 утврдил низа нерегуларности. Раководството на претпријатието од СДС не ги спроведувало јавните набавки согласно закон. ДЗР констатира дека при набавката на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, АД ЕСМ раководството толерирало низа пропусти на доставувачот, кој ги немал секогаш задолжителните залихи, доцнел со испораката и не ја почитувал динамиката, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
-АД ЕСМ и покрај тоа што не добивала мазут како што било предвидено во договорот, во два наврати склучува анекси со истиот добавувач, со што ја зголемува вредноста на договорот. Раководството на АД ЕСМ толерирало испорака на мазут со примеси на голем број нечистотии, со што се предизвикале дефекти во мазутната станица, нагласи Петрушевски и постави прашања:
-Зошто раководството на АД ЕСМ толерирало неквалитетен мазут и лоша испорака? И зошто згора на тоа два пати анексирале договор?
-Дали поранешното раководство на АД ЕСМ работело за нечиј приватен интерес наместо за државниот?
Го повикуваме ЈО да го испита случајот со набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, а како појдовна точка да ја имаат Ревизијата од ДЗР. Одговорност мора да има, изјави Петрушевски.