Двојните аршини на СДС и Филипче се потврдија, од една страна велат дека секој оној кој сака да вози без возачка дозвола треба да е санкциониран, а од друга страна гласаа против системот „Безбеден град”, рече на денешната прес-конференција пратеникот, Бране Петрушевски.
Сведоци бевме дека на протестите активисти на СДС кои работеле за Оливер Спасовски, се закануваа со тепање и убивање на полициски службеници, и дивееја низ градовите за да возат без возачки дозволи. Ваков начин на изразување на протест, ние не поддржуваме и јавно го осудуваме. Потсетуваме дека СДС и Филипче гласаа против овој проект во Собранието, а координаторот на нивната пратеничка група, Оливер Спасовски, кој инаку е и ексминистер за внатрешни работи не направи ништо поврзано со ова прашање за да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Во време на СДС, Филипче и Спасовски не беше имплементиран ниту еден системски проект што ќе обезбеди дигитална контрола над сообраќајот, транспарентно санкционирање и реално намалување на сообраќајните прекршоци. Сега кога конечно се воведува систем кој воспоставува ред, одговорност и еднаквост пред законот, Филипче и СДС се против. Од друга страна пак Филипче и СДС тврдат дека се против возење без возачка дозвола и без регистрација, а гласаа против проект и механизам што практично го гарантира токму тоа. Оваа контрадикторност ни Венко Филипче не може сам да си ја објасни ниту со политички разлики, ниту со загриженост за граѓаните. На СДС и Филипче треба да им биде јасно дека проектот „Безбеден град“ не е партиска агенда, напротив е системско решение за заштита на животите на граѓаните, истакна Петрушевски.
Секој што е искрено за ред, закон и безбедност, треба да го поддржи, а се друго е политичка калкулација на штета на јавниот интерес, додаде Петрушевски.