Македонија

Перински во посета на Босилово и Ново Село: Подобрени се условите за настава во село Секирник, Смоларските водопади и Пирго бележат зголемен број на туристи

Перински во посета на Босилово и Ново Село: Подобрени се условите за настава во село Секирник, Смоларските водопади и Пирго бележат зголемен број на туристи

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ги посети општините Босилово и Ново Село во кои се реализираат проекти за унапредување на југоисточниот дел од земјава, финансиски поддржани од Министерството преку Бирото за регионален развој.

На подрачје на Општина Босилово, во село Секирник, се подобруваат условите за следење на настава во подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“, а во Ново Село, Смоларските водопади и излетничкото место Пирго кај Мокриево, веќе бележат зголемен број на туристи како резултат на изградените нови содржини на двете дестинации.

Министерот во посета на струмичкиот регион беше заедно со директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, директорот на Центарот за развој на југоисточен плански регион, Ѓоко Камчев и градоначалниците на Босилово и Ново Село, Ристо Манчев и Ѓорѓе Божинов.

Од посетата на училиштето во село Секирник, беше констатирано дека во завршна фаза е реконструкцијата и адаптацијата на училишната зграда, преку проектот „Подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Југоисточниот регион“. На објектот е поставен нов кров, нова фасада, фотоволтации, реновирани се санитарните јазли.

„Сето ова ќе овозможи учениците и наставниот кадар да имаат соодветни услови за следење и реализација на наставата, а истовремено ќе се намалат трошоците за одржување на објектот. Ова училиште ќе биде одличен пример за енергетско ефикасен објект и искористување на соларната енергија како обновлив извор на енергија. Со ова истовремено придонесуваме и за подигнување на јавната еколошка свест,“ истакна министерот Перински, по посетата на училиштето во Секирник, чија инвестиција чини околу 7.200.000 денари, од кои приближно 5.600.000 денари се обезбедени преку Бирото за регионален развој, а останатите од страна на локалната самоуправа.

Оттаму, министерот се упати кон Ново Село, кај Смоларските водопади и излетничкото рекреативно место Пирго кај Мокриево, каде неодамна заврши имплементацијата на проектот „Југоисточниот регион – можност за нови туристички авантури“ преку партерно уредување и изградба на нови содржини на двете локации.

Кај Смоларските водопади неодамна се санирани постојните патеки, дрвените огради, изграден е нов пешачки мост пред водопадите.
„Со оглед на тоа дека особено во последните години туристичкиот развој има потенцијал да придонесе значително за економскиот раст и развој на земјата, реализацијата на ваков тип на проекти е од голема важност особено за промовирање на регионот. Важноста на овој проект лежи и во можноста за искористување на природните убавини, историските локалитети и културното наследство на државата со цел привлекување туристи. Ваквите проекти не само што го зголемуваат туристичкиот потенцијал на одреден регион, туку и придонесуваат за балансиран развој на целата земја, поттикнувајќи рамномерен раст и создавање на нови можности во помалку развиени области,“ истакна директорот на Бирото, Мемиши.
На излетничко-рекреативен локалитет Пирго изградена е патека до кулата, поставени се летниковци, проширен е капацитетот на постојниот амфитеатар, а просторот се збогати и со одбојкарско игралиште на песок, како и детско катче со десетина реквизити.

„Неизбежно беше да се подобри постоечката инфраструктура, но и да се збогатат содржините и на двата локалитети. Благодарение на реализираниот проект, веќе бележиме зголемен бројот на посетители, како од регионот, така и на странски туристи. Ова значително влијае и на условите за поттикнување на туризмот во Општина Ново Село и регионот,“ истакна директорот на Центарот за развој на југоисточниот плански регион, Камчев. Тој посочи дека сега и двете излетнички локации станаа полесно достапни и за лицата со посебни потреби.
Според министерот Перински, несомнено е дека сега со реализираниот проект „Југоисточниот регион – можност за нови туристички авантури“ создадени се услови за зголемен број на туристи и подобрување на туристичката понуда, што има и економски придобивки за локалното население.
„Развојот на Југоисточниот регион не застанува тука. Наша стратешка определба е рамномерен развој на сите региони. Тоа го ветивме на граѓаните, тоа и го остваруваме,“ истакна министерот Перински.

To top